Ова е кластерот 4, кој се однесува на зелената агенда и одржливата поврзаност и опфаќа четири преговарачки поглавја: транспорт (14), енергетика (15), трансевропски мрежи (21) и климатски промени (27).
„Албанија врши импресивна работа. Ако продолжи со ова темпо, ќе ги отвори сите кластери оваа година“, изјави комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, пред шестата конференција за пристапување на земјата во Унијата.
Откако ги отвори преговорите во јули 2022 година, земјата значително го забрза спроведувањето на реформите.
По скринингот во текот на таа година и следната година, Албанија го подготви теренот за забрзување на процесот.
Во октомври минатата година беше отворен кластерот 1, кој се однесува на фундаменталните права, а во декември кластерот 6, кој ги опфаќа надворешните односи, додека уште два беа отворени во април и март оваа година: кластерот 2, кој го опфаќа внатрешниот пазар, и кластерот 3, кој вклучува конкурентност и инклузивен раст.
По скринингот во текот на таа и следната година, Албанија го подготви теренот за забрзување на процесот.
Доколку се остварат предвидувањата на Марта Кос, Албанија до крајот на годината ќе треба да отвори само уште еден – кластерот 5, кој ги опфаќа ресурсите, земјоделството и кохезијата.
Марта Кос потсети дека процесот на проширување се базира на резултати.
„Албанија покажува дека позитивните промени се можни со силно лидерство. И ако тие го сработат својот дел од работата, Европската комисија ќе го сработи својот и ќе даде поддршка“, рече таа.
Комесарката за проширување ја искористи можноста и за да испрати порака до другите земји во регионот, истакнувајќи дека улогата на владите е клучна за процесот на пристапување кон Европската Унија.
„Гледаме дека постојат разлики меѓу земјите-кандидатки и една од клучните улоги во процесот на проширување е онаа на владата на земјата. Ако владата навистина покаже проевропска ориентација, тогаш граѓаните добиваат чувство дека земјата се движи во вистинската насока“, изјави Кос за новинарите пред конференцијата со Албанија.
Таа додаде дека ЕК ја поддржува визијата на албанската влада предводена од Еди Рама земјата да ги заврши преговорите за пристапување до крајот на 2027 година.






