„Албанија покажа дека е посветена на европскиот пат, дека има јасна политичка посветеност, беше особено пофалена затоа што е 100 проценти усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија“, изјави хрватската државна секретарка во Министерството за надворешни работи Андреја Метелко Згомбиќ.
Албанија е земјата што најбрзо напредува во пристапните преговори. За 13 месеци таа ги отвори сите шест преговарачки кластери. Според новата методологија на пристапните преговори, 35 преговарачки поглавја се поделени во шест тематски единици, шест кластери.
Така, преговорите повеќе не се отвораат во поединечни поглавја, туку во кластери, што не е случај при затворањето, каде што секое поединечно поглавје сè уште се затвора одделно.
По отворањето на сите преговарачки кластери, следниот чекор е исполнување на привремените одредници во основниот кластер, кој ги опфаќа правдата и внатрешните работи, што е услов за затворање на другите преговарачки поглавја. Албанската влада си постави цел да ги заврши преговорите за пристапување до крајот на 2027 година.
„Албанија е најдобриот пример за трансформативната моќ на проширувањето. Таа е инспирација за многу земји од Западен Балкан“, кажа комесарката за проширување Марта Кос.






