среда, 4 јуни 2025

Албанија го отвори четвртиот кластер во преговорите со ЕУ, ја помина Србија според бројот на отворени поглавја

На денешната меѓувладина конференција во Брисел, Албанија го отвори четвртиот од шесте кластери во преговорите со Европската унија, со што ја престигна Србија по бројот на отворени преговарачки поглавја.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во пристапните преговорите со ЕУ, кои почнаа пред седум месеци, Албанија ги отвори кластерите 1 (Основи), 6 (Надворешни односи) и 2 (Внатрешен пазар) од октомври 2024 до април 2025 година, а денес и Кластерот 3 (Конкурентност и инклузивен раст), објави ЕУ на својот сајт.

Овие четири кластери содржат вкупно 24 преговарачки поглавја. Од декември 2015 до декември 2021 година, Србија отвори 22 поглавја во преговорите со Европската Унија, а оттогаш ниту едно.

Кластерот 3 содржи осум преговарачки поглавја – 10 (Дигитална трансформација и медиуми), 16 (Оданочување), 17 (Економска и монетарна политика), 19 (Социјална политика и вработување), 20 (Претприемништво и индустриска политика), 25 (Наука и истражување), 26 (Образование и култура) и 29 (Царинска унија). ЕУ ги воспоставува критериумите за привремено затворање на тие поглавја, се наведува.

На денешната меѓувладина конференција, делегацијата на Европската Унија ја предводела постојаната претставничка на Полска во ЕУ, Агњешка Бартол, чија земја моментално претседава со Советот на ЕУ, додека на чело на албанската делегација бил министерот за Европа и надворешни работи, Игљи Хасани.

Од шесте земји од Западен Балкан најдалеку во процесот на европска интеграција стигна Црна Гора, отворајќи ги сите поглавја од преговорите и привремено затворајќи шест.

За земја кандидат да ги исполни условите за пристапување во ЕУ, таа мора да ги отвори, а потоа и да ги затвори сите поглавја од преговорите. Одлуките за отворање и затворање на поглавјата ги донесуваат сите членки на ЕУ со консензус.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ