сабота, 14 март 2026

Аксиос: Трамп ја одбил понудата на Путин иранскиот збогатен ураниум да се префрли во Русија

Претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп ја отфрлил понудата на рускиот претседател Владимир Путин за префрлање на иранскиот збогатен ураниум во Русија како дел од договорот за прекин на војната која САД и Израел ја водат против Техеран, објави порталот Аксиос.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Путин го дал тој предлог во телефонски разговор со Трамп оваа недела, а републиканскиот претседател го отфрлил, се додава во извештајот, повикувајќи се на неименувани извори.

Обезбедувањето на иранските 450 килограми ураниум збогатен до 60 проценти, кој може да се претвори на ниво за производство на нуклеарно оружје за неколку недели и е доволен за повеќе од десет нуклеарни бомби, е една од клучните воени цели на САД и Израел, пишува Аксиос.

Изданието наведува дека теоретски понудата на Путин би можела да помогне во овозможувањето на отстранувањето на нуклеарните залихи на Иран без присуство на американски или израелски трупи на терен.

Русија е веќе нуклеарна сила и претходно складирала ниско збогатен ураниум на Иран според нуклеарниот договор од 2015 година, што ја прави една од ретките земји со технички капацитет да го прифати материјалот.

Во разговорот со Трамп во понеделник, Путин презентирал неколку идеи за завршување на војната меѓу САД и Иран. Предлогот за ураниум бел една од нив.

„Ова не е прв пат да се понуди ова. Не е прифатен. Ставот на САД е дека мора да се осигураме дека ураниумот е обезбеден“, изјавил еден американски функционер за Аксиос.

Русија даде слични предлози за време на нуклеарните разговори меѓу САД и Иран минатиот мај – пред САД и Израел да ги нападнат нуклеарните објекти на Иран во јуни – и во неделите пред да започне сегашната војна.

Во последната рунда разговори пред војната Иран ја отфрли идејата за трансфер и предложи ураниумот да се разредува во неговите објекти под надзор на Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА).

Не е јасно дали Иран би го прифатил тој предлог сега, според Аксиос.

„Претседателот разговара со сите – Си, Путин, Европејците – и секогаш е подготвен да постигне договор. Но, тоа мора да биде добар договор. Претседателот не склучува лоши договори“, кажал американскиот функционер.

САД и Израел разговараат за можноста за испраќање специјални сили во Иран за обезбедување на нуклеарните залихи во подоцнежната фаза од војната, објави претходно Аксиос.

Министерот за одбрана на САД Пит Хегсет вчера на прес-конференција кажа дека САД „имаат голем број опции“ за да ја преземат контролата врз високо збогатениот ураниум на Иран.

Хегсет кажа дека една опција е Иран доброволно да ги предаде залихите, што САД би го „поздравиле“.

„Тие не беа подготвени да го сторат тоа во преговорите. Никогаш не би ѝ кажал на оваа група или на светот што сме подготвени да направиме или колку далеку сме подготвени да одиме, но, секако, имаме опции“, додаде тој.

Во интервју за радио Фокс њуз, Трамп навести дека обезбедувањето на високо збогатен ураниум во моментов не е врвен приоритет.

„Не сме фокусирани на тоа, но во одреден момент можеби ќе бидеме“, кажа американскиот претседател.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ