Според еден израелски функционер, американските пораки биле пренесени на високо политичко ниво до началникот на Генералштабот на израелската армија Ејал Замир. Извор запознаен со разговорите навел дека администрацијата на Трамп презентирала три причини за своето барање.
Првата е дека ваквите напади му штетат на иранското население, од кое голем дел се спротивставува на режимот.
Друга причина е намерата на Трамп да соработува со иранскиот нафтен сектор по војната, слично на пристапот што го презеде кон Венецуела.
Трето, постојат стравувања дека нападите би можеле да предизвикаат масовна иранска одмазда врз енергетската инфраструктура низ земјите од Заливот.
Иран претходно нападна енергетски објекти во Заливот со беспилотни летала за време на конфликтот, но без да предизвика значителна или трајна штета. Американската загриженост е дека нова рунда напади врз нафтената инфраструктура на Иран би можела да ја промени таа пресметка, да доведе до ескалација и дополнително да ги зголеми цените на нафтата.
Извор запознаен со деталите кажал дека Трамп ги гледа нападите врз енергетските и нафтените капацитети на Иран како „апокалиптична опција“ – нешто што треба да се чува како последно средство, за секој случај Иран намерно прво да ги нападне нафтените капацитети во Заливот.
Трамп и јавно сигнализираше таков став, предупредувајќи дека Иран ќе биде погоден „20 пати посилно“ ако ги загрози глобалните резерви на нафта.
На социјалната мрежа Трут соушал тој напиша дека Соединетите Американски Држави ќе „уништат лесно уништувачки цели кои ќе оневозможат Иран како нација некогаш да може да се обнови“.
Изворот тврди дека Трамп алудирал на потенцијални напади врз иранските нафтени капацитети. Сенаторот Линдзи Греам, еден од најгласните застапници на војната во Републиканската партија, исто така ги критикуваше израелските напади врз складиштата за гориво.
„Ве молиме бидете внимателни при изборот на цели. Нашата цел е да го ослободиме иранскиот народ на начин што нема да ја уништи нивната можност за нов и подобар живот по падот на режимот. Нафтената економија на Иран ќе биде клучна за тој потфат“, порача Греам на социјалната мрежа Икс.
Министерот за одбрана на САД Пит Хегсет ја огради американската влада од израелските напади врз складиштата за гориво, кажувајќи им на новинарите дека САД не гаѓале такви цели.
Белата куќа, израелската амбасада во Вашингтон и израелската армија одбиле да ги коментираат тврдењата.






