Според американски функционер и извор запознаен со ситуацијата, Арагчи испраќал пораки до Виткоф со цел да се стави крај на војната. Но, Дропсајт њуз објави денес дека Виткоф испраќал пораки до Арагчи, повикувајќи се на ирански претставници кои тврделе дека министерот за надворешни работи ги игнорира пораките од претставникот на Белата куќа.
Американскиот функционер меѓутоа, тврди дека токму Арагчи се обидувал да воспостави контакт, но нагласи за Аксиос дека Соединетите Американски Држави „не разговараат“ со Иран. Ниту еден од изворите не дал детали за бројот на разменети пораки или нивната содржина.
Американскиот претседател Доналд Трамп потврди денес дека Иран комуницира со САД, но изрази сомнеж дека вклучените ирански претставници биле овластени да склучат договор. „Тие сакаат да постигнат договор. Разговараат со нашите луѓе… имаме луѓе кои сакаат да преговараат, но немаме поим кои се тие“, им кажа Трамп на новинарите.
И покрај скептицизмот дека Техеран е подготвен за договор, Трамп кажа дека не е против разговорите со Иранците „бидејќи понекогаш од тоа произлегуваат добри работи“. Тој истакна дека не е јасно кој ги носи одлуките во Иран, со оглед на тоа што многу високи функционери се убиени. Тој исто така спомна дека новиот врховен лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, не е виден и можеби е мртов.
Висок американски функционер го отфрли барањето на Иран за „репарации“ како дел од мировниот договор, но кажа дека Трамп е отворен за договор кој ќе му овозможи на Иран да „се интегрира со остатокот од светот и да генерира приходи од својата нафта“.
„Претседателот е секогаш отворен за договор, но тој не преговара од позиција на слабост. Тој не се откажува од причините поради кои започна овој конфликт“, кажа функционерот. Од друга страна, иранските функционери јавно тврдат во последните денови дека не водат никакви преговори за прекин на огнот со администрацијата на Трамп.
Тие наведуваат дека Иран не е заинтересиран за привремен прекин на огнот кој би им овозможил на САД и Израел да се прегрупираат и повторно да нападнат, но сака гаранции дека секој мировен договор ќе биде траен.
Пред војната, Арагчи не се сметал за клучна фигура во донесувањето одлуки, а американските претставници не веруваат дека тој денес има такви овластувања. Сепак, се чини дека министерот за надворешни работи на Иран се усогласува со секретарот на Врховниот совет за национална безбедност, Али Лариџани, кој е де факто цивилен лидер на Иран од атентатот врз поранешниот врховен лидер Али Хамнеи, велат изворите.
Американските претставници го гледаат Арагчи како главен соговорник бидејќи имаат претходно воспоставен однос со него – и тој е сè уште жив.






