Петчасовниот состанок беше опишан како „тежок“ и „интензивен“, но исто така и продуктивен. Американската делегација, пишува Аксиос, дојде на состанокот во близина на Мајами со цел да се постигне напредок по прашањето за територијалната линија, за да може специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, да му го презентира напредокот на рускиот претседател Владимир Путин на претстојниот состанок. По воведната дискусија во проширен формат, разговорите беа стеснети на по тројца претставници од секоја страна, при што практично единствената тема беше линијата на разграничување, објавува порталот.
Учесници од американска страна беа Виткоф, американскиот државен секретар Марко Рубио и советникот и зет на Трамп, Џаред Кушнер. Украинската делегација ја сочинуваа советникот за национална безбедност Рустем Умеров, началникот на Генералштабот, генерал Андриј Гнатов, и заменик-началникот на военото разузнавање Вадим Скибицки.
По главниот дел од разговорите, Умеров и Виткоф одржале посебна средба еден на еден, по што Умеров го информирал украинскиот претседател Володимир Зеленски за резултатите од разговорите.
„Беше интензивно, но не негативно. Навистина го цениме сериозниот ангажман на Соединетите Американски Држави. Нашиот став е дека мора да направиме сè за да им овозможиме на Соединетите Американски Држави да успеат, а притоа да не загубиме територија и да спречиме нова агресија“, рекол еден украински функционер.
Важноста на темата е дополнително нагласена од ставот на рускиот претседател Владимир Путин, кој, според извештаите, инсистира дека Русија нема да се откаже додека не преземе целосна контрола врз регионот Донбас.
САД сакаат Украина да отстапи дел од својата територија за да се постигне мировен договор, но таквата одлука би била многу болна и политички експлозивна во Киев.
Зеленски претходно сакаше директно да разговара со Трамп за териториите, но американскиот претседател рече дека повторно ќе се сретне со Зеленски или Путин само кога страните ќе бидат поблиску до договор.






