Влијателниот американски портал наведува четири истовремени трендови како причина за загриженост:
зголемување на политичките убиства и атентати
континуиран бран пукања во училиштата
ширење повици за граѓанска војна на социјалните медиуми
организирани онлајн кампањи за одмазда против луѓето што јавно се фалат со насилството.
Политички убиства и атентати на највисоко ниво
Во центарот на вниманието е атентатот врз десничарскиот активист Чарли Кирк во државата Јута. Аксиос потсетува дека во последните 14 месеци се регистрирани повеќе убиства и обиди за убиства на политичари отколку во кој било период од 1968 година, кога беа убиени Мартин Лутер Кинг и Роберт Кенеди.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, исто така беше мета, со два атентати, како и демократски пратеници во Минесота. Покрај тоа, резиденцијата на гувернерот на Пенсилванија, Џош Шапиро, беше цел на напад со палење.
„Верувам дека социјалните медиуми одиграле директна улога во секое убиство што го видовме во последните пет или шест години. Зборот ‘рак’ веројатно не е доволно силен“, изјави гувернерот на Јута, Спенсер Кокс, за Ен-би-си, објави Аксиос.
Училишни пукања и радикализација на интернетот
Бројот на училишни пукања експлодира во последните години. Додека пред две децении имаше помалку од десет годишно, сега има повеќе од 80 секоја година, пишува Аксиос. Едно од последните се случи во близина на Денвер, речиси истовремено со убиството на Кирк.
Аксиос, исто така, предупредува на пошироката закана – онлајн радикализација на млади мажи. Генерацијата Зи поминува повеќе време на интернет од која било претходна генерација, често на затворени форуми каде што се шири екстремистичка содржина. Убиецот на Кирк, според истражителите, бил активен во такви заедници.
Трамп не ги смирува тензиите, напротив
По атентатот, американскиот претседател Доналд Трамп кажа дека би сакал да ја види нацијата како заздравува, но во исто време ги опиша политичките противници како „радикална левица“ која „никогаш не играла фер“. Неговите сојузници ги отфрлија повиците за смиреност, нарекувајќи ги наивни, и почнаа да зборуваат за „војна“ против левицата.
Аксиос пишува дека поранешната службеничка на администрацијата на Трамп, Кари Лејк, се придружила на кампањата, велејќи на голем молитвен состанок во Центарот Кенеди: „Ова насилство мора да престане. И нема да кажам дека нашата страна е совршена. Но, по ѓаволите, ова доаѓа од другата страна“.
Во исто време, демократските пратеници речиси едногласно го осудија убиството на Кирк, додека десницата станува сè похомогенизирана околу наративот за заговор против конзервативците.
Белата куќа ја зголемува безбедноста, десницата бара одмазда
Аксиос известува дека Белата куќа бара дополнителни 58 милиони долари за извршна и судска безбедност и разгледува можни мерки против левичарските групи. Претставниците на Трамп веќе отворено зборуваат за „домашно терористичко движење“.
На десничарските социјални медиуми е започната масовна кампања за објавување на имињата и работодавците на луѓето кои јавно се фалеа со убиството на Кирк. Голем број вработени веќе се отпуштени, а се појави и анонимна страница која тврди дека гради база на податоци со повеќе од 50.000 апликации – опишана како „најголемата операција за отпуштање во историјата“.
Аксиос пишува дека дури и Пентагон почнал да ги следи социјалните мрежи по наредба на министерот за одбрана (или новиот министер за војна) Пит Хегсет, а неколку војници веќе се отпуштени.
Долгорочна закана
Под политичките конфронтации лежи подлабока опасност – радикализација на млади мажи преку интернет, предупредува Аксиос. Изолацијата, економското незадоволство и постојаната изложеност на насилна содржина создаваат запалива мешавина.
„Како нацијата стигна до точката каде што убиецот на Кирк напиша „Еј фашист! Фаќај!“ на куршумот?“, праша конзервативниот стратег Стивен Гест во изјава објавена од Аксиос.
Политичарите, заклучува анализата на Аксиос, се толку преокупирани со меѓусебно обвинување што не ја гледаат генерациската криза што може да има уште поразорни последици за стабилноста на земјата.






