петок, 6 јуни 2025
Интервју на Аксиос со шефот на Антропик

„АИ ќе избрише милиони работни места, и тоа многу брзо, никој не е свесен што нѐ чека“

Дарио Амодеи — извршен директор на Антропик, една од најмоќните компании за развој на вештачка интелигенција во светот — има директно и застрашувачко предупредување до американската влада и до сите нас.

Фото: Фрипик

Објавено на

часот

Сподели

Вештачката интелигенција во следните една до пет години би можела да елиминира до половина од сите почетнички канцелариски работни места, да ја зголеми невработеноста во САД на 10-20% и да предизвика коренита трансформација на пазарот на трудот. Според него, милиони канцелариски работни места — од програмери, правници, до финансиски аналитичари — се во сериозна опасност вештачката интелигенција целосно да ги замени во многу краток временски период.

Во интервју за Аксиос од својата канцеларија во Сан Франциско, насловено „Зад кулисите: канцелариски масакр“, Амодеи ги повикува американската влада и технолошката индустрија да престанат да ја потценуваат големината на претстојната криза.

Амодеи вели дека компаниите за вештачка интелигенција и владата треба да престанат да го „шминкаат“ она што доаѓа: можната масовна елиминација на работни места во технологијата, финансиите, правото, консалтингот и другите канцелариски професии, особено почетничките позиции.

42-годишниот Амодеи, кој ја гради самата технологија што предвидува дека може преку ноќ да го преуреди општеството, вели дека зборува со надеж дека ќе ја поттикне владата и другите компании за вештачка интелигенција да се подготват — и да ја заштитат нацијата.

Законодавците не го разбираат ова или не веруваат во него, вели Аксиос. Извршните директори се плашат да зборуваат за тоа. Многу работници нема да ги сфатат ризиците од можната апокалипса на работните места — сè додека таа не се случи.

„Повеќето од нив не се свесни дека ова ќе се случи“, вели Амодеи. „Звучи лудо, и луѓето едноставно не веруваат.“

„Ракот е излечен, буџетот балансиран — но 20% од луѓето немаат работа“

Амодеи — кој штотуку ги претстави најновите верзии на својата сопствена вештачка интелигенција, која може да кодира на ниво речиси како човекот — вели дека технологијата има огромен потенцијал, но и големи ризици:

„Замислете свет во кој ракот е излечен, економијата расте по 10% годишно, а една петтина од населението е без работа.“ Тоа е едно многу можно сценарио што го вознемирува додека моќта на вештачката интелигенција експоненцијално се зголемува.

Фото: Фрипик

„Ние, како производители на оваа технологија, имаме должност и обврска да бидеме искрени за она што доаѓа“, вели Амодеи. „Не мислам дека луѓето се свесни за ова.“

„Тоа е многу чуден склоп на динамики“, додава тој, „каде што ние велиме: ‘Треба да се загрижите за тоа каде оди технологијата што ја градиме.’ Критичарите одговараат: ‘Не ви веруваме. Само преувеличувате.’“ Тој вели дека скептиците треба да се запрашаат: „А што ако се во право?“

Иронијата на денешнината

Амодеи ги објаснува овие свои сериозни стравови откако поминал цел ден на бина фалејќи ги неверојатните способности на својата сопствена технологија – која пишува кодови и напојува други АИ-производи што ги заменуваат луѓето. По минатонеделното објавување на Клод 4, најновиот четбот на Антропик, компанијата откри дека тестирањето покажало дека моделот е способен за „екстремно уценувачко однесување“ кога добил пристап до мејлови што сугерирале дека ќе биде исклучен и заменет со нов АИ-систем.

Моделот одговорил со закана дека ќе открие вонбрачна афера (опишана во мејловите) на инженерот одговорен за новиот систем.

Амодеи ја признава контрадикцијата, но вели дека на работниците „не им се пишува толку црно веќе и ако само успееме да ги предупредиме навреме“.

Како се развива канцелариската апокалипса

Компаниите како ОпенАИ, Гугл и Антропик постојано ги подобруваат своите големи јазични АИ-модели (ЛЛМ), со цел тие да ги достигнат и да ги надминат луѓето во сè повеќе задачи. Ова забрзано се случува, вели Аксиос.

Американската влада, загрижена да не загуби чекор во конкуренцијата со Кина и да не ги вознемири работниците, не презема значајни чекори, ниту да ја регулира АИ, ниту да ја предупреди јавноста.

Голем дел од населението не е свесно за растечката моќ на АИ и заканата за нивните работни места. Кога компаниите ќе ја сфатат економската корист од замената на луѓето со АИ, ќе почнат масовно да отпуштаат и да не отвораат нови работни позиции.

Јавноста ќе го сфати ова дури кога ќе биде предоцна, вели Аксиос.

Технологијата веќе го менува пазарот

Амодеи го основал Антропик откако го напуштил ОпенАИ, чиј директор Сем Алтман се залага за реалистичен оптимизам, заснован на историјата на технолошките изуми. „Кога еден фенерџија од минатото би можел да го види денешниот свет, би помислил дека просперитетот што нè опкружува е незамислив“, напиша Алтман во својот манифест од септември — оптимистички насловен „Ерата на интелигенцијата“.

Но преголем број работници сѐ уште ги гледаат четботите само како напредна машина за пребарување, неуморен истражувач или генијален коректор на јазични грешки. Треба да обрнеме внимание на тоа што навистина можат да направат: тие се одлични во сумирање, генерирање идеи, читање документи, прегледување правни договори и давање конкретни (и вознемирувачки прецизни) толкувања на медицински симптоми и здравствени досиеја.

Знаеме дека ова звучи страшно и како научна фантастика, вели Аксиос – но шокирани сме од тоа колку малку внимание луѓето им обрнуваат на добрите и лошите страни од суперчовечката интелигенција.

Истражувањата на Антропик покажуваат дека во моментов АИ-моделите најмногу се користат за „припомош“ — помагање на луѓето да ја завршат нивната работа. Тоа може да биде добро и за работникот и за компанијата, ослободувајќи ги луѓето да вршат покомплицирани задачи додека АИ ги врши рутинските работи.

Но вистината е дека користењето на АИ сѐ повеќе ќе се насочува кон автоматизација — каде што всушност работата ја извршува моделот. „Ова ќе се случи за многу кратко време — за неколку години или уште поскоро“, вели Амодеи.

Сценариото веќе почнува

Стотици технолошки компании трескавично развиваат т.н. агенти, или агентски АИ. Агентот е АИ што може да ја врши работата на човекот — веднаш, бесконечно и далеку поевтино. Многу од овие агенти веќе се користат во некои компании, а уште поголем број се во развој. Затоа Марк Закерберг, сопственикот на Мета, рече дека средноквалификуваните програмери наскоро нема да бидат потребни — можеби уште годинава.

Закерберг во јануари му рече на Џо Роган: „Веројатно во 2025 година, ние во Мета, како и другите компании што во основа работат на ова, ќе имаме вештачка интелигенција што може ефективно да биде еден вид средноквалификуван инженер што го имате во вашата компанија што може да пишува код“. Тој рече дека ова на крај ќе ја намали потребата луѓето да ја вршат оваа работа. Набргу потоа, Мета ги објави плановите да ја намали својата работна сила за 5%.

Не се лажете, вели Аксиос. Тие разговарале со голем број извршни директори во компании од различни големини и во многу индустрии. Секој од нив трескавично работи за да открие кога и како агентите или друга АИ-технологија ќе можат масовно да ги заменат човечките работници. Во моментот кога овие технологии ќе го достигнат човечкото ниво на ефикасност, што може да биде за шест месеци до неколку години од сега, компаниите ќе се префрлат од луѓе на машини.

Фото: ЕПА

Ова би можело да избрише десетици милиони работни места за многу кратко време. Да, и во минатото технолошките трансформации уништувале многубројни работни места, но на долг рок создале уште повеќе нови.

Тоа може да важи и за вештачката интелигенција. Но она што е различно овојпат е брзината со која може да нѐ погоди оваа АИ-трансформација, како и обемот на индустриите и поединечните работни позиции што ќе бидат длабоко засегнати.

„Рамнотежата на моќта во демократијата се заснова на тоа што обичниот човек има влијание преку создавањето економска вредност. Ако тоа исчезне, мислам дека работите стануваат навистина загрижувачки. Нееднаквоста станува застрашувачка. И јас сум загрижен поради тоа“, вели Амодеи.

Тој себеси се гледа како човек што ја кажува вистината, „а не како пророк на пропаста“, и енергично зборува за можните решенија. Ниту едно од нив, сепак, не ја менува реалноста опишана погоре — пазарните сили ќе продолжат да ја туркаат вештачката интелигенција кон човечко ниво на расудување. Дури и ако напредокот во САД забави, Кина ќе продолжи забрзано да напредува.

Не е сѐ толку црно

Амодеи не е безнадежен. Тој гледа низа начини како да се ублажат најлошите сценарија. Еден од нив е кревање на јавната свест – владите и компаниите што развиваат вештачка интелигенција треба поотворено и потранспарентно да ги објаснат промените што ѝ претстојат на работната сила. Треба да се каже јасно: некои работни места се толку ранливи што веќе сега вреди да се размисли за менување на дејноста. „Првиот чекор е предупредувањето“, вели Амодеи. Друг начин е забавување на замената на работните места – со тоа што ќе им се помогне на работниците подобро да разберат како вештачката интелигенција сега може да им помага во задачите, ќе им се даде подобра шанса да се приспособат. Треба да се охрабрат директорите да се едуцираат себеси и своите вработени.

Трет начин е отворање дебата за политички решенија за економијата во која доминира суперпаметна интелигенција – од програми за преквалификација, до иновативни начини за распределба на богатството создадено од големите АИ-компании, доколку се остварат најцрните предвидувања на Амодеи. „Ќе мора да се воведат даноци за луѓето како мене, можеби дури и конкретно за АИ-компаниите“, вели шефот на Антропик.

Амодеи предлага идеја за „токен-данок“: секогаш кога некој користи АИ-модел и компанијата остварува приход, околу 3% од таа добивка да оди кај државата и да се прераспределува на некој начин.

„Очигледно, тоа не е во мој личен економски интерес“, додава тој. „Но мислам дека тоа би било разумно решение за проблемот.“ А ако моќта на АИ напредува со темпото што тој го очекува, таквиот данок би можел да донесе трилиони долари во буџетот.

Суштината, според Амодеи: „Не можеш едноставно да застанеш пред возот и да го запреш. Единствената опција што ќе функционира е да го пренасочиш – да го свртиш за десет степени од насоката во која оди. Тоа може да се направи. Тоа е можно, но мора да го сториме сега.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ