Снимката објавена на социјалните мрежи, како што наведува британски Гардијан, прикажува како Ахмед соборува на земја еден од наводните напаѓачи на плажата Бонди и му ја одзема пушката.
Телевизиската мрежа Ал џезира емитуваше нешто подолга снимка, на која се гледа како храбриот граѓанин, откако го разоружил напаѓачот, ја вперил пушката кон него.
Но не запукал во напаѓачот, кој полека се оддалечил.
Напаѓачот потоа дошол до блискиот пешачки мост, каде што зел друга пушка и пукал кон Ахмед, ранувајќи го двапати во раката.
Ахмед, како што пренесуваат австралиските медиуми, е сопственик на продавница за овошје, татко на две деца и нема никакво искуство со ракување со оружје.
Неговите роднини изјавиле дека се покажал како „стопроцентен херој“.
Во пукањето на плажата Бонди во Сиднеј, според последните информации на Би-би-си, загинале најмалку десет лица.
Според соопштението на полицијата, најмалку 12 лица се повредени, а за време на инцидентот биле ранети и двајца полицајци.






