Војната на Блискиот Исток веќе влијае на земјоделското производство и безбедноста на храната низ целиот свет, со последици за земјоделците и работниците мигранти, кажа Тореро на прес-конференција во седиштето на ОН во Њујорк.
„Секој момент сега е важен и времето истекува, па затоа треба да се најде решение без одложување“, кажа економистот на ФАО преку видео врска од Рим.
Пред војната, една петтина од нафтата и течниот природен гас минуваа низ Ормускиот теснец, според Меѓународната агенција за енергија (ИЕА). Транзитот вклучуваше повеќе од 30 проценти од светските залихи на уреа и околу 20 проценти од залихите на азотни ѓубрива и фосфати, додадоа тие.
Прекините во транзитот дополнително го затегнаа веќе ограниченото снабдување со вештачки ѓубрива, со ризик од зголемување на цените на храната и можни проблеми во снабдувањето со прехранбени производи, предупреди ИЕА претходно месецов.
„Не станува збор само за енергетски шок, туку за системски шок што го чувствуваат земјоделските прехранбени системи низ целиот свет“, истакна претставникот на ФАО.
Во такви услови земјоделците се соочуваат со „двоен шок“, зголемување на цената на ѓубривата и горивото, кои се клучни за производството, забележува економистот на ФАО.
Доколку наскоро се најде решение, пазарите би можеле да се стабилизираат во рок од три месеци, но ако нарушувањата продолжат, „попесимистичките сценарија се сè поверојатни“, предупреди Тореро.
„Среднорочното сценарио за тримесечна блокада покажува тежок удар за земјоделците низ целиот свет, а последиците во тој случај би се прелеале во следната сезона“, кажа претставникот на ФАО, посочувајќи на намалените приноси.
Ситуацијата би можела да поттикне поголема конкуренција од секторот за биогорива, особено ако цените на нафтата надминат 100 долари за барел.
Ова би можело да им користи на земјоделците, но би било лошо за потрошувачите бидејќи цените ќе растат, забележува Тореро.
Краткорочно, приоритет е да се помогне на земји како Шри Ланка и Бангладеш, каде што е во тек жетвата на ориз, а африканските земји кои зависат од увоз на ѓубрива се исто така ранливи.
Сепак, последиците ќе ги почувствуваат и големите извозници, како што се Аргентина, Бразил и Соединетите Американски Држави.
Што се однесува до Персискиот Залив, Тореро истакна дека цените на храната во Иран веќе „растично растат“. Иран покрива приближно 70 проценти од своите домашни потреби, а остатокот го увезува.
Милиони работници мигранти од Јужна Азија и Источна Африка исто така работат во земјите од Персискиот Залив, а тие региони би можеле да доживеат пад на економиите ако конфликтот продолжи.
За да се ублажи кризата, ФАО повикува на итно идентификување на алтернативни поморски патишта и финансиска поддршка за земјите зависни од увоз.
„Мораме итно да им обезбедиме финансиска поддршка со платниот биланс, пред сеидбата“, кажа претставникот на ФАО.






