11-те лица наводно биле обучени од српски државјанин „што моментално е во бегство“ и „по инструкции на странска разузнавачка служба“, пренесува АФП од соопштението на Министерството и укажува дека не е наведено од која земја е разузнавачката служба.
„Од октомври 2023 година, баучот на странско мешање во Франција се надвисна над девет случаи што ги водеше канцеларијата на парискиот обвинител, обиди за дестабилизација што многу набљудувачи ѝ ги припишуваат на Русија“, пишува агенцијата.
Во најновиот случај, девет глави на свињи, кои исламот ги смета за нечисти, беа пронајдени пред џамиите во Париз и парискиот регион во почетокот на септември, а истрагата брзо идентификуваше две лица што патувале во возило со српски регистарски таблички и користеле хрватска телефонска врска, се вели во извештајот.
АФП од соопштението на српското Министерство за внатрешни работи пренесува дека единаесет лица се уапсени како дел од истрагата, „осомничени за кривични дела заговор, поттикнување омраза и шпионажа“ и дека имале намера да ги поткопаат „фундаменталните човекови права и слободи (…) на територијата на Француската Република и Сојузна Република Германија“.
„Нивните цели вклучуваа ширење идеи што заговараат и поттикнуваат омраза, дискриминација и насилство врз основа на разлики“ во бојата на кожата, религијата, националноста и етничкото потекло, се вели во соопштението на Министерството.
„Овие активности беа спроведени од април до септември 2025 година, вклучително и фрлање зелена боја врз Музејот на холокаустот, неколку синагоги и еврејски ресторан; лепење налепници со ‘геноцидна’ содржина; и поставување свински глави во близина на муслимански верски места – сите во парискиот регион“, се заклучува во извештајот на АФП.






