петок, 6 февруари 2026

Аферата Епстин се заканува да го собори Стармер

Поради именувањето на Питер Манделсон, британскиот премиер се соочува со политичка криза и растечки отпор во сопствената партија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Кир Стармер никогаш не го запознал Џефри Епстин. Сепак, позицијата на британскиот премиер е доведена во прашање поради последиците од глобалната мрежа на односи на сега починатиот сексуален престапник.

Премиерот, според пишувањата на медиумите, се соочува со сè поголем притисок во рамките на својата владејачка Лабуристичка партија поради одлуката од 2024 година за именување на Питер Манделсон, ветеран на лабуристичката политика, на функцијата амбасадор во Вашингтон, и покрај неговите врски со Епстин.

Нешто повеќе од една година подоцна, таа одлука стана досега најголемата закана за Стармер, бидејќи неговите партиски колеги го доведуваат во прашање неговото расудување и лидерство, откако електронските пораки покажаа не само колкави биле врските на Манделсон со Епстин, туку и неговата наводна подготвеност да открива доверливи државни информации.

Стармер вчера им се извини на жртвите на Епстин, изјавувајќи дека Манделсон во повеќе наврати лажел и дека „го претставувал Епстин како некој кого едвај го познава“. „Жал ми е, жал ми е за она што ви беше направено, жал ми е што ве изневерија толку многу луѓе на позиции на моќ“, изјави Стармер. „Жал ми е што им поверував на лагите на Манделсон и го именував.“

Иако не изгледа дека Стармер е во непосредна опасност да падне поради овој скандал, шест лабуристички пратеници рекле за агенцијата Ројтерс дека аферата дополнително го ослабнала премиерот, кој веќе се соочува со сè понемирна Лабуристичка партија. Сега дури и оние што му беа најлојални сугерираат дека прашањето не е дали, туку кога ќе биде отстранет од власта, при што многумина како клучен момент ги наведуваат локалните избори во мај.

„Тој сега, во суштина, е втеран во ќош“, изјави за агенцијата Асошиејтед прес Роб Форд, професор по политички науки на Универзитетот во Манчестер. „Неговата администрација може да падне уште утре, а може и да се тетерави со месеци, па дури и со години. (Но) неговиот авторитет е сериозно разнишан.“

„Кога и да дојде моментот Стармер конечно да си замине — било по своја волја или затоа што неговите пратеници ќе го сменат… сè ќе се сведе на тоа и ќе биде поврзано со именувањето на Питер Манделсон“, изјави Форд за АП.

Еден лабуристички пратеник изјави дека, по повеќемесечните пресврти во политиките и погрешните потези во врска со донациите, аферата Манделсон „делува како нешто да се скршило и дека тоа ќе биде невозможно да се поправи“.

Консултантската куќа за политички ризици Јурасија груп ја процени веројатноста за смена на Стармер оваа година на 80 проценти, наспроти претходните 65 проценти, наведувајќи дека скандалот нанел „непоправлива штета“.

Сите шест лабуристички пратеници од различни струи во партијата рекле за Ројтерс дека именувањето на Манделсон, кого британските медиуми поради неговите заткулисни маневри го нарекоа „принцот на темнината“, неповратно го извалкало премиерот, кој дојде на власт со ветување дека ќе ја исчисти политиката.

Обидите на Стармер да се дистанцира од скандалот се покажаа залудни — на вчерашната прес-конференција речиси секое прашање се однесуваше на тоа како не ги воочил ризиците од именувањето на Манделсон, иако овој веќе двапати бил принуден да ја напушти владата во времето на Тони Блер поради претходни обвинувања за недолично однесување.

„Веќе подолго време беше јавно познато дека Манделсон го познавал Епстин, но никој од нас не ги знаеше размерите и мрачната природа на тој однос“, изјави Стармер.

Таа одбрана ниту ги убеди ниту ги смири неговите колеги во Лабуристичката партија, која, откако освои големо мнозинство на националните избори во јули 2024 година, виде како ѝ се лизга власта поради големите пресврти во политиките.

Во меѓувреме пораснаа и трошоците за задолжување на Британија, што сугерира дека инвеститорите сметаат оти Стармер би можел да биде принуден да си замине.

Додека политичката криза во Обединетото Кралство се продлабочува, напорите за обезбедување правда за жртвите наидуваат на ѕид од инертност во Вашингтон, наведува Си-ен-ен, додавајќи дека тоа покажува колкава контрола има Доналд Трамп врз Министерството за правда и неговата цврста стега врз републиканското мнозинство во Конгресот.

Заменикот на американскиот министер за правда, Тод Бланш, кој е задолжен за објавувањето на досиејата за Епстин, во неделата за Еј-би-си њуз изјави дека обвинителската ревизија на случајот за трговија со луѓе, во кој биле вклучени Џефри Епстин и Гислејн Максвел, е „завршена“.

Трамп во вторникот ги повика Американците да се свртат кон други теми. „Мислам дека навистина е време земјата можеби да се сврти кон нешто друго“, им изјави Трамп на новинарите во Овалната соба. „Сега кога не излезе на виделина ништо за мене, освен дека сè било заговор против мене, буквално од страна на Епстин и други луѓе.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ