среда, 14 јануари 2026

Афера во Украина, Тимошенко вели: „Почна чистење на конкуренцијата“

Украинската политичарка Јулија Тимошенко, лидерка на партијата Батковшчина (Татковина), е обвинета дека им нудела мито на пратеници во Врховната рада, соопшти Олха Постолјук, портпаролка на Специјализираното антикорупциско обвинителство (САПО).

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според наводите на Националното антикорупциско биро на Украина (НАБУ), Тимошенко започнала разговори за поткупување пратеници откако во декември неколку пратеници од партијата на претседателот Володимир Зеленски биле обвинети во одвоена антикорупциска истрага. Целта, тврди НАБУ, била да се обезбедат нивните гласови во парламентот.

„Не станува збор за еднократни договори, туку за редовен механизам на соработка што вклучувал аванси и бил замислен за подолг период“, соопшти НАБУ. Пратениците, според овие тврдења, требало да добиваат упатства како да гласаат, а во некои случаи и кога да се воздржат или да не учествуваат во гласањето.

Според извор од полициските редови, Тимошенко наводно им нудела мито на пратеници од партијата Слуга на народот, на која ѝ припаѓа и претседателот Зеленски. НАБУ објави и наводни упатства што Тимошенко му ги испратила на еден пратеник.

Во тие упатства, според тврдењата на истражителите, се барало гласање за смена на шефот на Службата за безбедност на Украина, Васил Маљук, министерот за одбрана Денис Шмихал и министерот за дигитална трансформација Михајло Федоров. Исто така, се барало гласање против именувањето на Федоров за министер за одбрана, Шмихал за министер за енергетика и Денис Маслов за министер за правда.

Според аудиоснимката што ја објави НАБУ, Тимошенко наводно нудела „10“ како аванс по пратеник за две парламентарни седници месечно, што се толкува како 10.000 долари.

„Ако денес се договориме, ќе запишеме кој е со тебе и јас ќе ти ги предадам парите. А ти потоа сам ќе се договориш со нив“, се слуша на снимката. Потоа Тимошенко прашува дали упатствата за гласање може да ги испраќа преку апликацијата Сигнал.

На истата снимка Тимошенко зборува и за обид за „уривање на мнозинството“, што се толкува како настојување да се ослаби парламентарното мнозинство на партијата Слуга на народот. САПО и НАБУ вчера извршиле претреси во канцелариите на партијата Батковшчина. Тимошенко на Фејсбук потврди дека претресите биле спроведени.

„Ништо не најдоа, па ги зедоа моите службени мобилни телефони, парламентарни документи и личната заштеда, сè уредно пријавено во имотната карта“, напиша Тимошенко. Таа додаде дека „категорично ги отфрла сите апсурдни обвинувања“ и оцени дека „изгледа изборите се поблиску отколку што се мислеше и некој одлучил да почне со чистење на конкуренцијата“.

Обвинувањата доаѓаат две недели откако НАБУ објави дека разоткрил криминална група пратеници што примале готовина во замена за гласови во парламентот.

Тимошенко, која беше премиерка на Украина во 2005 година, а потоа повторно од 2007 до 2010 година, моментално ја предводи партијата Батковшчина, која има 25 пратеници во Врховната рада. Таа учествуваше на вчерашната парламентарна седница на која се гласаше за реконструкција на владата.

Реконструкцијата уследи по најголемиот корупциски скандал во Украина, поврзан со перење пари и проневери во државната нуклеарна компанија Енергоатом, кој НАБУ го разоткри есента минатата година. Скандалот опфати повеќе високи функционери, вклучително и лица блиски до претседателот Зеленски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ