Новиот систем значи дека на повеќето туристи од Британија кои патуваат во Европа ќе им се земаат отпечатоци од прсти, ќе бидат фотографирани и регистрирани. Британските компании пријавија големи недоследности во примената на правилата откако системот беше постепено воведен во октомври 2025 година.
Иако се предвидува дека граничните власти можат да го намалат бројот или обемот на проверки – или дури и да го суспендираат системот – за да избегнат значителни нарушувања, постепеното воведување веќе доведе до долги редици на некои европски аеродроми. Во моментов, државите мора да регистрираат најмалку 35 отсто од патниците, но од 10 април се очекува сите патници да мора да се регистрираат преку ЕЕС.
Иако многу гранични премини имаа инфраструктура на ЕЕС уште пред лансирањето минатиот октомври, вклучувајќи го Евротунелот во Фолкстоун и Меѓународната станица Сент Панкрас на Евростар во Лондон, повеќето посетители на 29-те земји кои го применуваат ЕЕС веројатно ќе ги регистрираат своите податоци при слетувањето на аеродромите.
Здружението на аеродроми Меѓународен совет на аеродроми (АЦИ) објави дека системот веќе предизвикува доцнења до три часа, а аеродромите во Шпанија, Португалија, Франција и Италија се меѓу најпогодените.
Оливие Јанковец, генерален директор на АЦИ Европа, кажа: „Хроничниот недостаток на персонал на граничните контроли беше проблем и претходно, а воведувањето на ЕЕС само го влошува. Редовно сме сведоци на редици до два часа, при што само 35 отсто од регистрираните патници влегуваат во Шенген. Тоа не е одржливо и се плашиме дека само ќе се влоши“.
Јанковец додаде дека се особено загрижени за јули и август, кога сообраќајот се удвојува. „Можеме да бидеме сведоци на редици до пет часа, што нè прави многу нервозни. Тоа создава катастрофално искуство за патниците, претставува безбедносен ризик и може да доведе до пропуштање на конекциски летови“, кажа тој.
Британската асоцијација на туристички агенции АБТА ја повика ЕУ да обезбеди сите земји-членки и гранични служби да им наложат на персоналите на терен да користат вонредни мерки за да избегнат долги доцнења на пасошката контрола.
Главниот извршен директор на АБТА Марк Танцер му пиша на комесарот на ЕУ за миграција Магнус Брунер, барајќи системот да се држи под контрола и да се обезбеди дополнителен граничен персонал во текот на шпицот.
„Проект толку амбициозен како што е ЕЕС никогаш не може да оди целосно непречено и ние бевме подготвени за тоа. Сепак, фрустрирачки е што граничните служби имаат овластување да ги ублажат застојот и да ги решаваат проблемите штом ќе се појават, но се чини дека ова не се случува насекаде“, кажа Танцер.
Портпаролот на Комисијата минатата недела изјави дека итните мерки ќе бидат достапни најмалку 90 дена од крајниот рок во април, алудирајќи на можно шестнеделно продолжување за да се опфати летото. Сепак, Јанковец кажа дека аеродромите „не добиле официјално известување дека можноста за суспензија на ЕЕС ќе биде продолжена, ниту за условите под кои тоа би се случило“.
Тој го наведе примерот на аеродромот во Лисабон, каде што редиците непосредно пред Нова година достигнале седум часа, што ги принудило португалските власти да го суспендираат системот. Додаде дека многу киосци за самопослужување на ЕЕС не работат сигурно и дека ниедна земја освен Шведска не овозможила користење на апликација за претходна регистрација на податоците за патниците.
„Можеме да ставиме фластер за летото, но мора да ги решиме сите овие проблеми како дел од координиран европски пристап“, заклучи Јанковец. Во Британија, Евротунел објави дека фазното воведување на ЕЕС за патници во автобуси и возачи на камиони поминало непречено и дека тие се „целосно подготвени“, но сè уште не започнале со регистрација на туристички возила, во очекување на датум од француските власти.
Еуростар, кој инвестираше многу во нови киосци на станицата Сент Панкрас, сè уште не ги активирал. Тие наведуваат дека граничните службеници рачно вршат ЕЕС проверки и дека ќе воведат обработка преку киосци откако француското Министерство за внатрешни работи ќе го одреди софтверот и датумите на имплементација.






