Пентагон развива планови со кои би можеле да мобилизираат неколку илјади припадници на Националната гарда уште во септември во третиот по големина град во земјата, пренесува Вашингтон пост, повикувајќи се на неименувани официјални лица.
Пентагон одби да ги потврди извештаите, а еден функционер рече дека не сака да шпекулира за други операции.
Информацијата доаѓа откако Трамп распореди повеќе од 1.900 резервисти на Националната гарда во Вашингтон, за кои се очекува наскоро да бидат вооружени, според неименуван функционер на Пентагон.
Трамп во петокот изјави дека Чикаго и Њујорк, големи градови предводени од демократите, се подготвени да добијат сличен третман.
„Ќе ги направиме нашите градови многу, многу безбедни“, изјави Трамп за новинарите во Белата куќа.
Потенцијалното распоредување во Чикаго ќе следи сличен модел на контроверзната операција на администрацијата на Трамп во јуни во Лос Анџелес, каде што беа распоредени 4.000 припадници на Националната гарда на Калифорнија и 700 активни маринци и покрај противењето на локалните власти, пренесува Си-ен-ен.






