понеделник, 22 декември 2025

Администрацијата на Трамп негира обид за прикривање на случајот Епстин

Министерството за правда на Соединетите Американски Држави негираше дека администрацијата на претседателот Доналд Трамп цензурирала информации во контроверзниот случај на покојниот сексуален престапник и подведувач на малолетнички Џефри Епстин, додека истовремено ги зголемува критиките за објавувањето на силно редактираните истражни документи.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Ние не редактираме информации за претседателот Трамп“ од досиејата кои се објавени или сè уште не се објавени“, изјави заменикот на главниот обвинител Тод Бланш во интервју за американската телевизиска мрежа Ен-би-си.

Бланш, поранешниот личен адвокат на Трамп, одговори на критиките и од демократите и од републиканците, од членовите на американскиот Конгрес, како и од жртвите на Епстин, финансиер од Њујорк и човек од високото општество кој почина во затвор под сомнителни околности во 2019 година додека чекаше судење.

По неколкумесечно одложување, Министерството за правда во петокот почна да објавува илјадници фотографии, видеа и документи за човекот обвинет за сексуално злоставување на повеќе од илјада млади жени, некои малолетнички, и познат по дружењето со познати личности, вклучувајќи ги и сегашниот претседател и неговиот дамнешен демократски претходник Бил Клинтон.

Сепак, целиот фајл не беше објавен тој ден, како што е пропишано со законот кој го поттикна овој обид за транспарентност, а многу фајлови беа силно редактирани, како што е еден документ од 119 страници на кој целосно е затемнет целиот текст – од почеток до крај.

Неколку објавени фотографии беа отстранети подоцна во саботата, што предизвика негодување од опозицијата.

Една од сликите отстранети од веб-страницата на Министерството за правда покажува низа наредени фотографии, вклучувајќи барем една од Трамп.

Кога беше прашана за сликата, Бланш тврдеше дека не е отстранета за да се заштити претседателот, туку за да се заштити идентитетот на жените на фотографиите.

Сепак, демократот Џејми Раскин денес изјави за американската телевизиска мрежа Си-ен-ен дека „сето тоа е прикривање на работи што Доналд Трамп не сака да ги објави“.

Откако беа објавени сликите, Трамп не коментираше за тоа.

Некогаш близок со Џефри Епстин, со кого се движел во истите кругови, Трамп отсекогаш негираше какво било знаење за неговото криминално однесување и тврди дека ги прекинал сите врски со него пред властите да започнат истрага.

Иако Трамп за време на неговата кампања во 2024 година изјави дека го поддржува објавувањето на владини документи, подоцна се двоумеше, нарекувајќи ја аферата „инструмент“ кој го користат опозициските демократи против него.

Тој попушти под притисокот од американскиот Конгрес и во ноември потпиша закон со кој се бара од неговата влада да дејствува транспарентно во овој случај.

„Секој доказ или индикација дека сè не е откриено ќе продолжи да ја прогонува администрацијата на Трамп“, изјави сенаторот Ранд Пол од владејачката Републиканска партија за Еј-би-си, додека претставникот Томас Маси од истата партија, кој е многу активен во аферата Епстин, изрази жалење што не ги објави клучните документи од судската истрага.

Тоа е „шлаканица во лицето на жртвите кои сакаат да знаат кои богати и моќни луѓе се во срцето на обвинувањата за сексуална експлоатација додека биле во посета на Епстин и кои ги прикриле“ злосторствата, кажа Маси, еден од пратениците кои се залагаа за закон со кој ќе се принуди државата да ги објави информациите.

Откриена во 2019 година, аферата Епстин вклучува бројни американски и меѓународни личности, вклучувајќи го и Ендру, братот на британскиот крал Чарлс Трети, кој беше обвинет од една од жртвите за сексуална експлоатација, иако тој тврди дека е невин.

Смртта на Епстин, кое се води како самоубиство – според властите – поттикна безброј теории на заговор кои тврдат дека бил убиен за да се спречи да зборува на судењето за вмешаноста на елитата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ