петок, 2 јануари 2026
Поради кратења на персоналот и лабораториите

Администрацијата на Трамп ја затвора најголемата библиотека на НАСА

Фондовите од библиотеката во Вселенскиот летачки центар „Годард“, кои содржат уникатни документи од почетокот на 20 век до советската вселенска трка, ќе бидат складирани во магацини или фрлени, пренесе Њујорк тајмс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Големата истражувачка библиотека на НАСА денеска ќе биде затворена, објект што содржи десетици илјади книги, документи и научни списанија — многу од нив недигитализирани или недостапни на друго место.

Џејкоб Ричмонд, портпарол на НАСА, изјави дека агенцијата во следните 60 дена ќе го преиспита библиотечниот фонд и дека дел од материјалите ќе бидат складирани во државен магацин, додека другите ќе бидат фрлени.

„Овој процес е утврден метод што федералните агенции го користат за правилно отуѓување федерална сопственост“, рече Ричмонд.

Затворањето на библиотеката во Вселенскиот летачки центар „Годард“ во Гринбелт, Мериленд, е дел од поширока реорганизација под администрацијата на Трамп, која вклучува затворање на 13 објекти и повеќе од 100 научни и инженерски лаборатории на кампусот од 1.270 акри до март 2026 година.

„Ова е консолидација, не затворање“, изјави портпаролката на НАСА, Бетани Стивенс. Промените, рече таа, се дел од долго планирана реорганизација што започнала пред администрацијата на Трамп да дојде на власт. Според неа, затворањето на објектите ќе заштеди 10 милиони долари годишно и ќе избегне уште 63,8 милиони долари одложено одржување.

„Годард“ е водечкиот вселенски центар на нацијата. На својата веб-страница го опишува како „најголемата организација на научници, инженери и технолози што градат летала, инструменти и нови технологии за проучување на Земјата, Сонцето, нашиот Сончев систем и универзумот“.

Буџетските кратења, програмите за доброволно заминување со отштета и предвремените пензионирања што беа дел од напорите на администрацијата преку програмата ДОЏ оваа година го намалија бројот на федералните работници и приватни работници по договор во „Годард“ на 6.600, од повеќе од 10.000.

Затворањето на библиотеката следува по затворањето на уште седум библиотеки на НАСА низ земјата од 2022 година наваму, од кои три беа затворени годинава. Од следната недела, отворени ќе останат само три — во Истражувачкиот центар „Глен“ во Кливленд, Истражувачкиот центар „Ејмс“ во Маунтин Вју, Калифорнија, и Лабораторијата за млазен погон во Пасадена, Калифорнија.

Вработените во „Годард“, нивниот синдикат и демократските пратеници од Мериленд изјавија дека администрацијата на Трамп ги забрзала затворањата на хаотичен начин за време на неодамнешното федерално затворање, кога на кампусот во Мериленд имало малку луѓе.

Дел од специјализираната опрема и електроника наменети за тестирање вселенски летала бил отстранет и фрлен, според соопштение објавено на веб-страницата на Здружението на инженери, научници и техничари на „Годард“, синдикатот што ги претставува вработените.

„Администрацијата на Трамп изминатата година го напаѓа НАСА Годард и неговата работна сила и ги загрозува нашите напори за истражување на вселената, за продлабочување на нашето разбирање на Земјата и за поттикнување технолошки напредок што ја прави нашата економија посилна и земјата побезбедна“, изјави сенаторот Крис Ван Холен, демократ од Мериленд. „Овие извештаи за затворања во Годард се длабоко загрижувачки — ќе продолжам да се спротивставувам на секоја мерка што влијае врз критичната мисија на Годард“.

Од денеска вработените на кои им е потребна истражувачка помош ќе можат да ја користат дигиталната услуга „Прашај библиотекар“ („Ask a Librarian“) или со меѓубиблиотечен заем на книги од други федерални агенции, рече Ричмонд.

Дејв Вилијамс, планетарен научник штогодинава го напушти „Годард“ преку програма за предвремено пензионирање, изјави дека библиотеката била клучен ресурс за инженерите што планирале мисии до Месечината и подалеку. Надворешни истражувачи, кои не биле вработени во „Годард“, исто така можеле да ја користат библиотеката и нејзините фондови.

Таа содржела книги од советски ракетни научници што опишувале мисии од 1960-тите и 1970-тите, како и информации за експерименти на НАСА-мисии за време на златната ера на човечкото истражување на вселената.

Повеќе од три децении, д-р Вилијамс собирал информации што можеле да се најдат само во библиотеката и ги поставувал во онлајн-архивата. Поминувајќи часови во пребарување стари статии во списанието „Џурнал оф спејскрафт енд рокетс“, на пример, успевал да ги разбере суровите податоци од експерименти на мисиите Аполо.

„Овие работи не можете едноставно да ги најдете онлајн“, рече д-р Вилијамс, поранешен директор на Координираната архива за податоци од вселенските науки на НАСА. Постарите материјали не се конвертирани во дигитален формат, а многу понови научни и инженерски списанија и книги се наоѓаат зад платени дигитални ѕидови и ќе бидат потешко достапни надвор од библиотеката, рече тој.

Меѓу честите корисници на библиотеката бил и Сантијаго Гасо, атмосферски научник. Кога сакал да научи за теоријата на хаосот, одел во библиотеката на „Годард“, вадел стари учебници и седнувал да чита. Гасо изјави дека му се допаѓале тивките простори и прозорците од подот до таванот.

„Многу сум креативен кога одам таму“, рече тој. „Нема ништо како да отидеш до полицата, да извадиш книга и потоа да ја видиш онаа до неа. Почнуваш да пребаруваш.“

Координираната архива за податоци од вселенските науки е недостапна веќе неколку месеци. Со нејзината недостапност и со затворањето на библиотеката, НАСА губи и историја и витални информации за идните вселенски мисии, според д-р Вилијамс и други научници.

„Не е дека сега сме многу попаметни отколку во минатото“, рече д-р Вилијамс. „Се работи за истите луѓе и тие ги прават истите човечки грешки. Ако ја изгубите таа историја, повторно ќе ги правите истите грешки.“

Синдикатот што ги претставува вработените во „Годард“ соопшти дека истражувачите не можат да пристапат до онлајн-списанијата од кои зависат во својата работа.

Објектот 21 на кампусот во Гринбелт, во кој се наоѓаат библиотеката, кафетеријата и канцелариите, денеска ќе биде трајно затворен. Така, покрај истражувачкиот материјал, вработените губат и место за средби каде што инженери, научници и техничари често се собирале за соработка надвор од своите лаборатории.

Основан во 1959 година, Вселенскиот летачки центар „Годард“ има богата историја. Телескопите „Хабл“ и „Џејмс Веб“ беа дизајнирани и изградени на кампусот во Гринбелт во огромни „чисти соби“ без контаминација. Таму неодамна беше изграден и телескопот „Ненси Грејс Роман“ од следната генерација, вреден 4 милијарди долари, чиј лансирање е планирано за 2027 година, иако со предложениот буџет на администрацијата на Трамп би се укинало неговото финансирање.

Научниците и инженерите во „Годард“ дизајнирале и изградиле сонди за истражување на Сонцето, астероиди и атмосферата на Марс. Тие, исто така, развиле систем на сателити што ги бележат промените во атмосферата на Земјата, ледената покривка, океаните и копнената површина — податоци корисни за научни истражувања и одговор на катастрофи. Идните мисии што се развиваат во „Годард“ вклучуваат летала за истражување на Венера и месечината Титан на Сатурн, како и нов телескоп за потрага по планети што можеби содржат живот во длабоката вселена.

Во буџетското барање до Конгресот во јуни, администрацијата на Трамп предложи кратење на буџетот на НАСА за речиси 25 проценти, што предизвика јавно писмо на протест потпишано од неколку стотици вработени во НАСА. Научниот сектор на НАСА, кој вклучува науки за климата и за Земјата, мисии во Сончевиот систем и за астрофизика, би се соочил со кратење од 47 проценти — на 3,9 милијарди долари од 7,3 милијарди.

Деветнаесет активни научни мисии, вклучувајќи ја Опсерваторијата за рендген-зраци „Чандра“, мисијата „Џуно“ кај Јупитер и двете орбитирачки опсерватории за јаглерод диоксид, кои ја мерат распределбата на јаглерод диоксид што ја загрева планетата во атмосферата, би биле исклучени според планот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ