Анкетата спроведена во март покажа дека 82% од израелските Евреи го поддржуваат присилното протерување на Палестинците од Појасот Газа.
Во исто време, 47% од израелските Евреи одговорија потврдно на прашањето: „Дали го поддржувате тврдењето дека израелската војска при освојувањето на непријателски град треба да дејствува слично на начинот на кој Израелците постапија кога го освоија Ерихон под водство на Исус Навин – убивајќи ги сите жители?“ Се работи за библиски опис на освојувањето на Ерихон.
На почетокот на јуни, Израел започна операција насочена кон преместување на што е можно повеќе Палестинци кон зоната Рафа во јужна Газа. Новиот воен план, исто така, има за цел да поттикне „доброволна емиграција“ на Палестинците.
Мнозинството од израелската јавност го поддржува планот, иако началникот на Генералштабот на Израелските вооружени сили, генерал Ејал Замир, предупреди на опасноста од операцијата за животите на израелските заложници во Газа.
Друга анкета, објавена на Канал 13, покажува дека 44% од израелската јавност ја поддржува операцијата, додека 40% се против неа.
Истата анкета покажува силна поддршка за продолжување на целосната блокада на Газа, која трае од почетокот на март. Дури 53 проценти од анкетираните веруваат дека Израел не треба да дозволи хуманитарна помош во Појасот Газа.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху претходно оваа недела изјави дека спроведувањето на планот на Трамп за протерување на Палестинците е една од воените цели на Израел. „Ќе го спроведеме планот на Трамп – план кој е коректен и револуционерен“, рече Нетанјаху.
Според анкета на Пен Стејт, масовното протерување на Палестинците е поддржано од 70 проценти од секуларната еврејска јавност, додека меѓу Масортим поддржувачите, религиозните и ултраортодоксните групи поддршката надминува 90 проценти. Масортим е израелски хебрејски термин за Евреи кои не се сметаат себеси за строго религиозни или секуларни.
Дури 56 проценти од израелските Евреи го поддржуваат присилното иселување на палестинските граѓани на Израел од нивната земја надвор од Газа.
Меѓу секуларните Евреи, 38 проценти го поддржуваат протерувањето на палестинските граѓани на Израел, покажа анкетата.