четврток, 18 декември 2025

343 жени ја тужат Брижит Макрон зашто ги нарече феминистките „глупави кучки“ (ВИДЕО)

Повеќе од 300 жени ја тужат француската прва дама Брижит Макрон, откако во јавноста протече снимка на која таа феминистичките демонстрантки ги нарекува „sales connes“, што во превод значи „глупави кучки“. Неколку организации, меѓу кои и здруженија за правата на жените, поднеле тужба за јавна навреда, а бројката од точно 343 тужителки има силна историска симболика во францускиот феминизам, пишува Гардијан.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Спорната снимка е направена минатата недела зад сцената во парискиот театар „Фоли Бержер“. На неа се гледа Брижит Макрон во разговор со францускиот актер и комичар Ари Абитан, кој претходно бил обвинет за силување. Макрон присуствувала на неговата претстава со својата ќерка и пријатели. Вечерта пред тоа, феминистички активистки ја прекинаа истата претстава, извикувајќи: „Абитан, силувачу!“

На снимката, 72-годишната Макрон го прашува Абитан како се чувствува, а откако тој ѝ одговара дека е исплашен, таа ги нарекува демонстрантките „sales connes“ и додава дека, ако повторно се појават, ќе ги „исфрли надвор“.

Жилиет Шапел, адвокатка на феминистичките здруженија што го покренаа случајот, изјави за радиото Франс Ентер: „Таа е прва дама на Франција, нејзините зборови се важни“. Шапел додаде дека се чини оти Макрон е „многу ангажирана околу прашањата на жените, но во реалноста може да се каже дека постои несогласување меѓу нејзините јавни говори и она што навистина го мисли“.

Брижит Макрон во меѓувреме се извини. „Жал ми е ако сум ги повредила жените жртви“, изјави таа оваа недела за медиумската куќа „Брут“, но своите забелешки ги нарече „приватни“ коментари.

Сепак, потоа додаде: „Не можам да ги жалам. Точно, јас сум сопруга на претседателот на Републиката, но пред сè јас сум јас. И затоа, кога сум во приватност, можам да си дозволам однесување што не е целосно соодветно“.

Истрагата против актерот Абитан за обвиненијата за силување од 2021 година беше запрена во 2024 поради недостиг од докази, а таа одлука беше потврдена и по жалбата во јануари оваа година. Феминистичката група „Ну тус“ (во превод „Сите ние“), која учествуваше во протестот, порача дека ја прекинале претставата за да се спротивстават на „културата на неказнивост“ за сексуалното насилство во Франција.

Бројот од 343 тужителки се однесува на петицијата од 1971 година за легализација на абортусот, во која 343 жени јавно признале дека прекинале бременост. Меѓу здруженијата што ја поднеле тужбата е и „Хистерични плетачки“ („Les Tricoteuses Hystériques“), основано во 2024 година за време на големото судење за силување, во кое десетици мажи беа осудени за силување на Жизел Пелико.

Името на здружението е референца на адвокат од одбраната што тогаш демонстрантките ги нарече „хистерични“ и „tricoteuses“ — алузија на жените што плетеле додека паѓала гилотината за време на Француската револуција.

Навредливата изјава на првата дама поттикна и бран поддршка на социјалните мрежи, каде што многубројни познати личности го користат хаштагот #salesconnes. Меѓу нив е и актерката и режисерка Жудит Годреш, водечки глас на француското движење И јас (#MeToo), која објави: „И јас — и јас сум ‘sale conne’ (валкана, глупа кучка) и ги поддржувам сите други“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ