Украина мора веднаш да добие безбедносни гаранции, без да чека крај на борбите, изјави денес украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на обраќањето на Економскиот форум во Черноби, објави Киев индипендент.
Неговиот повик дојде само еден ден по таканаречениот самит на „Коалиција на спремните“, каде што со европските лидери разговараше за плановите за мултинационални сили и обврските за снабдување со оружје, логистика и обука. Целта на овие мерки е да се заштити Украина од идна руска агресија, но според сегашните предлози, тие треба да стапат во сила дури по потпишувањето на прекинот на огнот. Затоа Зеленски нагласи дека гаранциите мора да се спроведат „без да се чека крај на борбите“.
Киев предупредува дека без цврсти и обврзувачки гаранции, Русија би можела да го искористи примирјето за да ги прегрупира своите сили и да започне нова, уште посилна офанзива. Кремљ, пак, сигнализираше дека секој мировен договор мора да вклучува значително намалување на украинските вооружени сили.
Москва остро ја отфрли идејата за присуство на какви било странски воени контингенти на украинска територија. Рускиот претседател Владимир Путин денес изјави дека таквите сили ќе станат „легитимни цели за уништување“ и дека се непотребни доколку се постигне мировен договор.
Неговиот став го потврди портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, нарекувајќи ги странските сили „неспособни да ја обезбедат безбедноста на Украина“.






