недела, 14 декември 2025

12 лица убиени во нападот врз еврејската заедница во Сиднеј, меѓу нив и еден напаѓач (ВИДЕО)

Дванаесет лица загинаа во оружениот напад врз еврејската заедница на плажата Бонди во Австралија, меѓу нив и еден од напаѓачите. Вториот напаѓач е во болница, во критична состојба. Истрагата ќе ја води одделението за борба против тероризмот, соопшти полицијата. Се истражува и дали во нападот учествувало и трето лице, јавува Си-ен-ен.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

На плажата се одржувала прослава на Ханука, а како што наведе полицискиот комесар, на прославата имало повеќе од 1.000 луѓе.

Во болници се пренесени 29 лица, меѓу кои едно дете, како и двајца полицајци.

Според изјавите на очевидци, пукањето на прочуената плажа траело околу десет минути, а стотици луѓе за тоа време се криеле во песокот или во блиските улици и паркови.

Полицијата соопшти дека фактот што пукањето било извршено на првиот ден од Ханука, како и други околности, довеле до тоа неколку часа по нападот тој да биде прогласен за терористички инцидент, пишува Си-ен-ен.

Иран го осуди терористичкиот напад во Сиднеј

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, изјави дека „Иран во принцип го осудува насилниот напад врз цивили во Сиднеј, во Австралија“, во кој денес беа убиени 12 лица, а ранети 29.

„Терористичкото насилство и масовните убиства ќе бидат осудени, каде и да се извршат, како незаконски и криминални дела“, рече Багеи во објава на платформата Икс.

Израелското воено радио денес пренесе, повикувајќи се на безбедносен извор, дека Израел ја истражува можноста Иран да стои зад нападот во Сиднеј.

Полицијата го засилува присуството на јавните прослави на Ханука низ светот

Полицијата низ светот го засилува присуството на јавните прослави на Ханука по нападот во Сиднеј, за кој полицијата изјави дека бил насочен против еврејската заедница, јавува Си-ен-ен.

Во Њујорк, њујоршката полиција наведува дека испраќа дополнителни ресурси на јавните прослави на Ханука и во синагогите, „од претпазливост“.

Полицијата во Лондон наведува дека, иако нема информации што би укажувале на поврзаност меѓу нападот во Сиднеј и нивото на закана во Лондон, ќе го засили присуството, ќе спроведе дополнителни патроли и ќе соработува со еврејската заедница по трагедијата.

Полицијата во Берлин соопшти дека ќе распореди заголемени сили и ќе ги зголеми безбедносните мерки пред вечерашниот настан по повод Ханука во германската престолнина.

Случаен минувач што му ја одзел пушката на напаѓачот – повреден, но не е животно загрозен

Случајниот минувач што запре еден од напаѓачите задобил две рани, но не е животно загрозен, јавуваат австралиските медиуми.

Имено, граѓанинот му ја одзел пушката, по што напаѓачот се оддалечил до камениот мост каде што се наоѓал вториот напаѓач, ја зел другата пушка и пукал кон него.

Австралискиот премиер: „Чин на зло, антисемитизам и тероризам“

Австралискиот премиер Ентони Албанез го опиша нападот како „чин на зло, антисемитизам и тероризам што го погоди срцето на нацијата“, пренесува Си-ен-ен.

Тој додаде дека „напад врз еврејските Австралијци е напад врз секој Австралиец“.

Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар ја критикуваше реакцијата на австралискиот премиер Ентони Албанез на пукањето на плажата во Сиднеј, каде што беа убиени 11 луѓе. „Зборови што нема да ги најдете во соопштението на премиерот: Евреи. Антисемитизам. Терор“, наведе шефот на израелската дипломатија на мрежата Икс.

Тој исто така изјави дека е згрозен од пукањето и дека австралиската влада мора „да се вразуми“ по безбројните предупредувања.

Фото: ЕПА

Последното масовно пукање во Австралија било во 1996 година

Масовните пукања се ретки во Австралија, која има репутација на една од најбезбедните земји.

Последниот таков инцидент се случил во 1996 година, кога вооружено лице убило 35 луѓе во туристичко место во Тасманија.

Пукањето на плажата Бонди е еден од најсериозните напади врз припадници на еврејската заедница и нивните објекти во Австралија од почетокот на израелската војна против Хамас во Појасот Газа во октомври 2023 година.

Идентификуван еден од наводните напаѓачи

Како што пишува Еј-би-си њуз, еден од наводните напаѓачи на плажата Бонди во Сиднеј бил Навид Акрам, маж од југозападниот дел на градот, според зборовите на висок полициски функционер.

Еден од двајцата напаѓачи бил убиен на самото место, додека другиот бил ранет и задржан во притвор во критична состојба, соопшти полицијата.

Како што наведува Еј-би-си, не е познато кој од нив е идентификуваниот Навид Акрам.

Еден од очевидците на пукањето изјави дека видел маж како стои со пушка на мост, додека во близина стоеле семејства со деца, прославувајќи го еврејскиот празник Ханука.

„Трчав и беше ужасно. По некое време се вратив да видам што се случува. Некои им помагаа на луѓето да станат, но имаше многу тела на плажата, беше ужасно“, вели очевидецот.

Уште еден од сведоците на нападот изјави дека не разбрал веднаш што се случува, сè додека луѓето не почнале да трчаат и да се туркаат за да избегаат.

„Бев во ресторан, расчистував садови, но бев близу влезот и ги слушнав одекнувањата на истрелите. Веднаш знаев дека се истрели, но како да не ми дојде веднаш до свеста. Само видов како луѓето почнуваат да трчаат“, изјави келнерот во ресторан во близина на местото на пукањето.

Жена што исто така се нашла во близина на местото на пукањето раскажа дека видела двајца вооружени мажи, а веднаш потоа и луѓе што бегаат.

„Во првиот момент си помислуваш – убав ден е долу на плажата, некако мислиш дека луѓето само убаво си поминуваат. Потоа рекоа дека има напаѓач таму, ги слушнав истрелите веднаш зад мене“, раскажува таа.

Фото: ЕПА
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ