Сепак за обвинителството овој доказ воопшто не е релевантен за случајот затоа што Вања Ѓорчевска била убиена до 9 часот и 30 минути утрото на 27 ноември 2023 години.
„Оваа снимка не е од интерес за постапката, бидејќи од презентираните видео записи од Сејф сити, на 27 декември 2023 година, произлезе дека возилото рено кангу управувано од Палевски во 10 часот веќе се враќа во политичката партија Десна, а времето од упплатницата е 11 часот и 44 минути“, истакна обвинителката.
Одбраната на Палевски пак реагираше дека на снимката од Сејф сити не се гледа неговиот лик, па затоа уплатницата била релевантниот доказ.
„Со тоа го докажуваме спротивното од обвинителство, бидејќи нивниот доказ како возила се шетаат низ Скопје, без утврдени ликови, не е доказ. Палевски пак со сведок се наоѓа во банка. Не е возможно во ист период да биде на две различни локации“, рече адвокатот Јовица Страшевски.
Палевски тврди дека додека бил во банка чекал во ред со извесен професор Мартин Панчевски, но тој денеска не се појави за да сведочи бидејќи не можеле да го пронајдат на наведената адреса.
Што се однесува до убиството на Панче Жежовски, Палевски денеска како сведок повика инспектори од Велес кои работеле на наоѓање на тогаш исчезнатиот Жежовски.
Палевски најмногу прашуваше за тоа како се одвивал претресот во куќата на обвинетиот Боре Видевски, како и за пронајденото оружје, муницијата и дозволите за оружјето што сопругата на Видевски ги предала на полицијата. Палевски го праша сведокот зошто одземените пушка, патрони за пушката и дозволи за пиштол зброевка иако биле одземени не биле додадени како предмети во истрагата.
„Тоа што ценела истрагата дека ѝ е потребно, тоа го зела понатаму за доказна постапка”, кажа сведокот.
Според обвинението, Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, се обвинети дека заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило цитроен за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
14 годишната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.