вторник, 18 јуни 2024

Сведок во случајот против Жан Митрев од медиумите и од обвинителството дознал дека е измамен

На денешното рочиште во процесот против д-р Жан Митрев сведочеше еден сведок кој изјави дека од медиумите и од обвинителството дознал дека е оштетен и измамен. Ова е уште еден сведок кој цела година после настанот пред јавниот обвинител изјавил „откако ми објаснивте за што се води постапката јас се чувствувам за измамен и оштетен”.

Објавено на

часот

Сподели

Овој сведок јавниот обвинител го предложи како оштетен за тоа што неговата мајка и брат примиле хемофилтрација, но на судењето изјави дека тој се согласил да им биде аплицирана хемофилтрација и тоа за првата хемофилтрација лично во телефонски разговор со лекар, а потоа согласноста ја давал преку друг роднина кој бил наведен како контакт со болницата во име на семејството. И самиот бил болен од ковид и се лекувал во клиниката Жан Митрев, а после смртта на брат му и мајка му како последица на ковид, продолжил да оди во клиниката Жан Митрев на контроли и на прашање на одбраната одговори дека се лекувал и понатаму во болницата затоа што тогаш не бил информиран дека е измамен и оштетен. Тој рече дека дознал дека бил измамен и оштетен подоцна, од медиумите и од обвинителството, велат од одбраната.

Проф. д-р Гордан Калајџиев во врска со ваквите постапки на обвинителството изјави: „Не е законито ниту професионално ЈО да им сугерира на сведоците дека се измамени, односно жртви и оштетени, а уште помалку да сугерира што да изјават пред судот! Тезата на обвинителството треба да произлезе од изјавите на сведоците, а не обратно. Ова укажува на сериозна опасност дека процесот е монтиран. Битно е и тоа дека сведоците, односно пациентите, најчесто немале никаков директен контакт со докторот, а тврдат дека лично ги измамил”.

На сведокот хемофилтрација воопшто не му била понудена, ниту му била направена, затоа што здравствената состојба му била полесна.

И овој, како и претходните сведоци, рекле дека немале никаков контакт со д-р Митрев и дека не се познавале лично. Ова е уште еден сведок кој пред судот потврди дека пред обвинителот бил сослушуван во присуство на други сведоци и го слушал нивниот исказ.

На денешното рочиште не се појавија тројца сведоци на обвинителството, иако беа уредно и навремено поканети.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ