Ибрахими, кој присуствувал на претресот на домот на обвинетиот Љупчо Палевски Палчо на 3 декември 2023, изјави дека при претресот биле одземени лаптоп, таблет Самсунг и телефон Ајфон 6S+, но, како што посочи, не биле евидентирани повици кон Вања.
„Не е забележано дека некој друг од семејството вртел телефони“, изјави Ибрахими, одговарајќи на прашањата на обвинетиот Палчо.
Тој додаде дека при претресот, телефоните на сопственикот на куќата, братот на Палевски, биле пред нив на увид и не забележале дека некој член од семејството врти телефон.
Сведокот Тодорче Ѓорѓиевски од Единицата за економски и компјутерски криминал, кој исто така присуствувал на претресот, изјави дека не забележал бирање на бројот на оштетената Вања.
„Од моја страна не беше забележано“, рече Ѓорѓиевски, додавајќи дека од братот на Палчо, Баже, бил направен повик кон неговиот адвокат.
Одбраната на Палевски приговараше на исказите на сведоците, тврдејќи дека се во спротивност со прибавената писмена документација и дека се невистинити.
Обвинетиот Палевски истакна дека ниту неговиот брат, ниту неговата мајка го знаеле телефонски број од оштетеното дете.
„Оштетеното дете Вања Ѓорчевска, во моментот на претресот е пет дена убиено. Ниту мојот брат, кој не е ниту сведок во случајов, ниту мојата мајка, знаеле телефонски број од оштетеното дете. Невозможно е да вртеле во моменти кога им се одземени телефони, како што е наведено во телефонската анализа. Нормално е полицијата при претрес да заврти на телефонскиот број на оштетеното дете, случајно да не заѕвони во близина. Обвинителство не најде ниту време, ниту начин да го прашаме зошто вртел за време на претрес, на 3 декември кога е детето веќе убиено пет дена“, рече Палевски.
На денешното рочиште, обвинителката Жаклина Трајковска информираше дека сведокот Гоце Трајковски нема да сведочи поради неможноста да го обезбедат. Адвокат Владимир Туфегџиќ побара исказот на Трајковски да се прочита како доказ, но судијата Ивица Стефановски најави дека ќе се потруди да го обезбеди сведокот за сведочење.
На изминатите рочишта сведочеа семејствата на убиените како и повеќе лица вклучени во истрагата за двете убиства, меѓу кои инспектори и членови на политичката партија Десна.
На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.
Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Додека, грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.