Ја поддржувам изјавата на премиерот. По четвртата голема трагедија, Дурмо турс, Беса транс, модуларна болница во Тетово, сега мора да има одговорност и ресет на системот. Бидејќи и лидерот на опозицијата СДСМ, Венко Филипче бара да има целосна и објективна истрага и дека никој не смее да биде поштеден, ниту актуелни ниту поранешни функционери, ниту службеници… ситуацијата е јасна, клиентелизмот и неказнивоста мора веднаш да се искоренат.
Во Македонија, клиентелизмот е најголем и најитен предизвик во процесот на изградба на демократски и транспарентни институции. Иако сите знаеме што е, да повториме, клиентелизам е политички и општествен систем во кој луѓето во позиција на моќ (како политичари, функционери или бизнисмени-покровители) нудат и им даваат привилегии, ресурси, услуги или заштита на поединци или групи со помала моќ (клиенти) во замена за нивна лојалност, гласови или други форми на поддршка. Граѓаните се потпираат на неформални мрежи, наместо на закони и процедури. Системот не се базира на труд, на знаење, на заслуги, туку на лични или партиски интереси. Изборот при вработување не се прави преку транспарентен конкурс. Трошоците од јавните набавки не се следат лесно, а ако има недостаци нема одговорност. Извештаите на Државен завод за ревизија се само букви на хартија.
Во Македонија клиентелизмот има и надворешна димензија каде политичарите заради лојалност кон други политичари (Брисел на пример) отворено ги занемаруваат законите бидејќи имаат поддршка од моќници од надвор. За возврат, ја водат надворешната или поретко внатрешната политика на земјата по насоки на тие странски моќници. Овој систем ја нарушува еднаквоста, ја ослабува демократијата и го поттикнува коруптивното однесување, бидејќи луѓето и бизнисите зависат од политичките врски наместо од сопствените способности и компетенции. Политичарите го користат овој систем за да ја одржат својата моќ – ако контролираат работни места, тендери, субвенции или социјална помош, можат да ја „добијат“ лојалноста од гласачите.
Не може семејните и партиските врски и интереси да се поважни од законите, правилата или заедничкото добро. Не може партиите да ги наградуваат своите приврзаници со работни позиции, тендери или други бенефиции, а за возврат очекуваат лојалност. Последици од клиентализмот се корупција, слабеење на институциите и економски раслојување, односно нелегално вработување во јавниот сектор, доделување тендери, субвенции и други форми на привилегии што ги добиваат поединци или компании блиски до владејачките партии или политички моќници. Партиските вработувања на неквалификувани лица ги демотивираат сите што се квалификувани, но немаат „врски“. Со тек на време, институцијата станува неефикасна, а граѓаните трпат лоши услуги.
При јавните набавки често пати фирмата што го добива тендерот не е најквалитетна, туку е избрана поради својата лојалност кон политичкиот функционер. За да добие тендер фирмата плаќа мито, или вработува луѓе по препорака на патронот, или донира дел од профитот назад кон партијата (преку „легални“ донации или спонзорства). Услугата е прескапо наплатена, парите на даночните обврзници се трошат неефикасно. Фирми со малку или со нула вработени или без искуство добиваат милионски договори, додека сериозни компании без „врски“ се игнорираат. Како последица училиштето, салата или патот кој се гради или реновира се со сомнителен квалитет.
Во македонското општество, клиентелизмот е длабоко вкоренет во историска смисла. И во комунизмот имаше привилегирани елити кои ги користеа полугите на моќта. И во кралска Југославија, па и во Османлиското царство постоел тој систем во рамките на милетите и пропагандите на соседите. Фразите како „па, сите така прават“ или „ако не помогнеш на своите, кој ќе помогне“, не се случајни. Клиентелизмот е како „маѓепсан или затворен круг“ – оние на власт го користат за да останат на власт, а оние што зависат од него немаат мотив да го напуштат. Тие што се во опозиција ќе сторат сѐ да се доведат во владеачка позиција за да влезат во кругот, и така натаму.
Краен резултат на клиентелизмот е корпуција која ни ја уништува нацијата. Граѓаните се отселуваат или загинуваат во несреќи.
Вистинска револуција премиерот ќе направи ако системот кој не функционира праведно го собори, ако го сотре клиентелизмот. Можеме да дискутираме како да се справиме со клиентализмот, но не можеме и не смееме да спориме дека тој треба веднаш да се искорени.
Жидас Даскаловски