петок, 18 октомври 2024
Според проекциите

Супервторник: очекувана победа на Бајден и Трамп

Актуелниот претседател на Соединетите Американски Држави, демократот Џозеф Бајден, и републиканецот Доналд Трамп, ги постигнаа очекуваните победи на партиските избори во супервторникот, покажуваат проекциите, а речиси е сигурно дека двајцата, како и пред четири години, повторно ќе си ги измерат силите во борбата за фотелјата во Белата куќа.

Објавено на

часот

Сподели

Според проекциите, Бајден убедливо триумфираше на демократските избори во Вермонт, Ајова, Вирџинија, Северна Каролина, Тенеси, Оклахома, Масачусетс, Мејн, Арканзас, Алабама, Тексас, Колорадо, Јута, Минесота и Калифорнија.

Трамп победи во Вирџинија, Северна Каролина, Тенеси, Оклахома, Мејн, Алабама, Масачусетс, Арканзас, Тексас, Колорадо, Минесота и Калифорнија.

Ники Хејли, единствената противкандидатка на Трамп, победи во Вермонт, што е изненадување. Тоа беше нејзина само втора победа, откако триумфираше во Вашингтон.

Единствениот пораз Бајден во супервторникот го доживеа во Американска Самоа, мала американска територија во Јужен Пацифик, каде што беше поразен од Џејсон Палмер со 51 процент спрема 40, според АП. Палмер е инвеститор од Балтимор. Ова не е првпат Американска Самоа да бележи изненадувачки резултати на партиските избори. За време на демократската трка во 2020 година, тоа беше единственото гласање на кое победи милијардерот Мајкл Блумберг, поранешен градоначалник на Њујорк.

Ниту Бајден ниту Трамп не можеа да ја освојат номинацијата денеска. Меѓутоа, бидејќи се избираат повеќе од една третина од делегатите што летово ќе гласаат на партиските конвенции, Бајден и Трамп направија огромен чекор кон освојување на мнозинството делегати и, во следните неколку недели, обезбедување на партиската номинација на внатрепартиските избори.

Што рече Бајден, а што Трамп?

Претседателот Бајден вели дека милиони Американци денеска „јасно го слушнале својот глас“ и дека гласовите во негова корист покажуваат дека електоратот сака „да се бори против екстремниот план на Доналд Трамп да нѐ врати назад“.

Тој ги истакна резултатите на неговата администрација, вклучувајќи ги работните места и платите, и предупреди дека нацијата сега се соочува со „јасен избор“ дали да продолжи во истиот правец или да го избере својот ривал на натпреварот во 2024 година.

Фото: ЕПА

Трамп е „фокусиран на сопствената одмазда“, рече Бајден и сака „да ги одземе основните слободи како што е способноста на жените сами да донесуваат одлуки за здравствена заштита“.

Тој ги повика Американците да застанат во одбрана на демократијата: „До секој демократ, републиканец и независен што верува во слободна и фер Америка – ова е нашиот момент, ова е нашата борба. Заедно ќе победиме“.

Во обраќањето пред толпата во одморалиштето Мар-а-Лаго, Трамп рече дека „ова е величествена ноќ“.

„Не го викаат за џабе супервторник. Ова е голема и величествена ноќ“, рече поранешниот американски претседател коментирајќи ги резултатите.

Тој тврди дека експертите му рекле дека „никогаш ништо не било олку убедливо“ и дека планира да инспирира пресврт во земјата.

Трамп ја осуди економската и надворешната политика на Бајден, особено неговиот однос кон имиграцијата.

„Ќе ја направиме Америка повторно голема, поголема од кога било досега“, рече тој.

Хејли, која тврдеше дека и Бајден и Трамп се премногу стари за да се вратат во Белата куќа, ја помина изборната ноќ гледајќи ги резултатите во областа Чарлстон, Јужна Каролина, каде што живее.

Претставниците на нејзината кампања рекоа дека иако во изборната ноќ не бил организиран ниеден официјален настан, во штабот расположението е „забавно“.

На другата страна, на Трамповиот имот Мар-а-Лаго одржана е големата победничка забава со предјадења, меѓу кои и емпанада (вид латиноамерикански пирошки) и печено сирење бри.

Трамп ја победи Хејли на сите партиски избори и собири досега, иако Хејли во неделата победи во Вашингтон, каде што мала група од околу 2.000 републиканци излегоа да гласаат во престолнината убедливо наклонета кон демократите, станувајќи првата жена што некогаш победила во натпревар за републиканската претседателска номинација.

Фото: ЕПА

Неколку држави што гласаа во супервторникот на партиската конвенција му ги доделуваат сите свои делегати на победникот на поединечните внатрепартиски избори, наместо да ги распределат гласовите пропорционално според резултатите од гласањето, што многу му одговара на Трамп.

Трамп победи на претседателските избори во 2016 година, но загуби од Бајден во 2020 година. Националните анкети покажуваат дека тој има тесно водство пред Бајден точно осум месеци пред претседателските избори во 2024 година.

Последниве денови Хејли вети дека ќе остане во трката за републиканската номинација до супервторникот, но не закупи нови термини за емитување политички реклами на телевизија во државите каде што ќе се одржат следните внатрепартиски избори. Некои од нејзините главни донатори престанаа да испраќаат пари за нејзината кампања бидејќи таа продолжи да ги губи изборите.

Иако Бајден нема конкуренција на внатрепартиските избори, се соочува со критики во партијата за поддршката на Израел во војната против Хамас во Газа.

Бајден, исто така, ќе биде во центарот на вниманието во четврток вечер, кога ќе го одржи своето годишно обраќање за состојбата на нацијата пред Конгресот, емитувано во живо од националните ТВ-мрежи.

За што уште се гласаше во супервторникот?

Покрај претседателската трка, за време на супервторникот гласачите во различни држави имаа можност да гласаат и за други функции.

Така, во Северна Каролина, гласачите, демократите и републиканците, одлучуваа за партиските номинации за гувернери. Марк Робинсон ќе биде републиканскиот кандидат, додека Џош Стајн ќе ги претставува демократите.

Во Тексас, се предвидува дека конгресменот Колин Олред ќе ја добие демократската номинација за Сенатот. Тоа значи дека тој во ноември ќе се бори против Тед Круз, републикански сенатор.

Олред во вторникот го победи сенаторот Роландо Гутиерез и уште седум други кандидати на внатрепартиските избори на Демократската партија. Преминувајќи го прагот од 50 проценти, тој автоматски го избегнува вториот круг од партиските избори во мај.

Демократот од Калифорнија Адам Шиф се пласираше во вториот круг на вонредните избори, кои ќе се одржат во ноември, за завршување на актуелниот мандат на починатата сенаторка Дајан Фајнстин, како и за нов полн шестгодишен мандат што почнува во 2025 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ