Сунак ја пофали Украина за нејзината, како што наведе, „непоколеблива“ решеност да се брани од руската инвазија во последните две години, пишува Политико.
„Велика Британија е веќе еден од најблиските партнери на Украина, бидејќи признаваме дека нивната безбедност е наша безбедност“, рече Сунак.
Пред состанокот со украинскиот претседател Володимир Зеленски, Сунак рече дека Британија ќе обезбеди вкупно 2,5 милијарди фунти воена помош за Украина во финансиската 2024/25 година, што е зголемување за 200 милиони фунти во однос на претходните две години.
Најмалку 200 милиони фунти британски средства ќе бидат доделени за илјадници беспилотни летала за Украина, соопшти канцеларијата на Сунак.
Тоа би било најголемата испорака на дронови во Украина од една земја, се вели во соопштението, истакнувајќи дека повеќето од нив се очекува да бидат произведени во Британија.
Денеска, Сунак ќе потпише и договор за безбедносна соработка со Зеленски, откако земјите-членки на Г7 се согласија да ѝ дадат билатерални безбедносни гаранции на Украина на минатогодишниот самит на НАТО во Вилнус, пишува Политико.