сабота, 27 јули 2024

Сунак: Велика Британија е со Израел во најмрачниот час

Британскиот премиер Риши Сунак денеска изјави дека Велика Британија стои покрај Израел во „најмрачниот час“ додека се бори против Хамас по нападот на екстремистичката исламска организација на 7 октомври.

Објавено на

часот

Сподели

Сунак зборуваше на прес-конференција во Ерусалим заедно со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, еден ден по посетата на американскиот претседател Џозеф Бајден на Израел, пренесува АП.

„Горд сум што стојам овде со вас како ваш пријател во најмрачниот час на Израел. Ќе стоиме со вас во солидарност, ќе стоиме со вашиот народ и сакаме да победите“, рече Сунак.

„Ние апсолутно го поддржуваме Израел да се брани во согласност со меѓународното право, да го нападне Хамас, да ги врати бегалците, да го одврати Хамас од понатамошни упади и долгорочно да ја зајакне безбедноста“, рече Сунак, но не го спомна соборувањето на Хамас, што за израелските лидери е целта на војната.

Британскиот премиер изјави дека знае оти Израел „презема мерки на претпазливост“ за да избегне наштетување на цивилите за разлика од „терористите на Хамас“.

„Признаваме дека и палестинскиот народ е жртва на Хамас“, рече Сунак и ја поздрави одлуката за отворање на хуманитарни коридори за Газа, пренесоа израелските медиуми.

Британскиот премиер се осврна на, како што ги нарече, „потресните сцени“ од изминатиот ден, вклучувајќи ги и последиците од експлозијата во болницата во Газа, велејќи: „Жалиме за загубата на секој невин живот“.

На прес-конференцијата Нетанјаху го нарече Хамас „новите нацисти, новата Исламска држава“ и најави заедничка борба „токму како што цивилизираниот свет се обедини во борбата против нацистите“.

Израелскиот лидер ја нарече „борба на целиот цивилизиран свет, борбата на Израел, борба на современите арапски земји, борба за западната цивилизација, за слободниот свет, за иднината“.

Тој тврди дека постои „оска на злото“ составена од Иран, Хезболах и Хамас, со намера да го врати Блискиот Исток во доба на војна и уништување.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ