понеделник, 21 октомври 2024
Нови главоболки за највисокото судско тело

Судскиот совет ќе расправа дали апелациски судии пресудиле законски во случај против Телеком

Судскиот совет ќе мора да пресече дали тројца судии од Апелацискиот суд Скопје кои досудиле Македонски телеком да плати отштета од 4 милиони евра на фирма човек од Штип, постапиле законски или под нечиј притисок. Од судот денеска испратија реакција во која демантираат дека одлуката е донесена под нечиј притисок, за неколку часа подоцна, исто така од Апелацискиот суд, да стигне соопштение во кое пишува дека реакцијата не е на судот туку само на судиите кои пресудиле против Македонски телеком во случајот со штипската фирма Фокуснет.

Објавено на

часот

Сподели

Станува збор за судски спор од 2008 година помеѓу штипската фирма Фокуснет и Македонски телеком откако Македонски телеком го раскинал договорот за изнајмување на интернет капацитети, поради неисплатени долгови.

14 години подоцна, во октомври 2022 година, Скопскиот граѓански суд ја одбил тужбата на штипската фирма против Телеком затоа што утврдиле дека станува збор за фирма без имот, без основни средства, без приходи, со еден вработен и со блокирани средства.

По ова штипската фирма Фокуснет се жалела пред Апелацискиот суд Скопје кој скоро две години подоцна делумно ја прифатил жалбата на фирмата и ја преиначил пресудата во корист на штипската фирма. Па така, наместо првично побараните 2 милиони евра, сега Фокуснет треба од Телеком да добие двојно поголема отшета од 4 милиони евра.

„Делумно се усвојува прецизираното тужбено барање на тужителот Друштво за производство, трговија и услуги увоз-извоз Ф. ДОО Ш. Се задолжува тужениот М. Т., акционерско друштво за електронски комуникации С., на тужителот да му плати износ од 136.037.928,00 денари по основ на изгубена добивка. Поголемото тужбено барање на тужителот за исплата на камата сметано на секој годишен износ во утужениот период до 13.02.2018 година и за разликата од бараната стапка на казнена камата на досудениот износ сметано на секој годишен износ во утужениот период, во висина на референтната стапка на Народна банка што за секое полугодие важела на последниот ден од полугодието што му претходело на тековното полугодие зголемена за 10 процентни поени, се одбива како неосновано“, пишува во дел од образложението на пресудата.

Поради ова, од Телеком се сомневаат дека постои поврзаност помеѓу претседателката на судечкиот совет со луѓе од штипската фирма на која Телеком треба да ѝ плати четири милони евра оштета за раскинат договор за испорачување на телекомуникациски услуги.

„Блокираната сметка на штипската фирма е повторно активирана, само еден месец пред донесување на пресудата, што укажува дека имале информации за исходот од судката постапка“, пишува меѓу другото во претставката на Македонски телеком.

Од компанијата велат дека ќе продолжи да ги презема сите правни дејствија за заштита на интересите на компанијата според важечките закони.

„Во таа насока, компанијата ќе соработува со сите релевантни и надлежни институции. Веруваме дека владеењето на правото и доследната примена на законите се највисоки вредности во секое општество и дека секое напуштање на тој принцип ќе биде идентификувано и соодветно коригирано во корист на сите чинители во општеството“, посочуваат од Македонски телеком.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ