сабота, 27 јули 2024

Судскиот совет ја отфрли претставката на Петрушевски за пратенички имунитет

Судскиот совет ја отфрли како неоснована претставката на пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО- ДПМНЕ за нестручно и несовесно постапување на судијата Неџат Мемети од Основен суд Куманово.

Објавено на

часот

Сподели

Претставката е поднесена лани на 16 ноември, по донесената пресуда за навреда и клевета кон неговиот колега во Собранието на Мартин Костовски од СДСМ.

Ова е прва пресуда за јавно искажан став од собраниска говорница. Петрушевски смета дека токму поради тоа што сопствениот став го има кажано во својство на пратеник и ужива пратенички имунитет, не треба да биде повикан на одговорност.

Лорета Георгиева, член на Судскиот совет побарала изјава од судијата што постапувал по предметот, кој предметната одлука ја елаборирал со конкретни одредби и образложение.

„И во одлуката, и во изјавата, судијата Мемети смета дека собраниската говорница и имунитетот го штити пратеникот од кривична одговорност, но не и од граѓанска одговорност за навреда и клевета. Од истите причини смета дека не може да биде амнестиран кој било што изнесува лаги и невистини и прави штета на угледот на личноста и пошироко. Јас лично се согласувам со изјавата
на судијата и сметам дека никој не може да си допушти да изнесува невистини. Предлогот е неоснован“, појаснува Георгиева.

Другите членови на Судскиот совет претпоставуваат дека по овој предмет ќе има жалба, а пресудата на кумановскиот судија ја сметаат за правен став на Неџат Мемети.

„Мемети противуставно, противзаконски и во спротивност на пресудите што ги има како пракса и во Република Македонија и во Европскиот суд за човекови права, осуди пратеник за јавно искажан збор од собраниска говорница. Ако се дрзнал вака да осуди пратеник, може само да се замисли како суди на граѓаните. Недвосмислено јасно е според Уставот и согласно член 16 од Законот за пратениците дека пратеник не може да биде повикан на кривична или друга одговорност за искажано мислење во Собранието. Политичката хајка врз неистомислениците на власта продолжува, а извршители се токму личности како Лорета Ѓоргиева, сопруга на првиот човек на Зоран Заев во Струмица и долгогодишен директор на ЈПКД Комуналец – Струмица, Зоран Ѓеоргиев. Многу ме интересира мислењето на Лорета Ѓоргиева за постапувањето на судијата во предметот Ковачки против Ковачевски, каде на екс – премиерот му е уважен имунитетот токму за граѓанска одговорност? Како би одлучил Судскиот совет на претставка против овој судија? Токму ваквите двојни аршини на судската власт го срозаа македонското правосудство. Добро е што времето на овие политички егзекутори изминува, а мене ниту успеале, ниту ќе успеат да ме замолчат! Мојата борба за правда продолжува“, истакна Бране Петрушевски по поднесувањето на претставката.

Петрушевски беше осуден да плати парична казна од 150 илјади денари, затоа што од собраниска говорница го навредил неговиот сограѓанин и политички опонент Костовски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ