недела, 21 април 2024

Судовите во земјава работат со две третини пополнетост на судиски места

Основните судови низ земјава минатата година од примени вкупно 578.577 предмети, решиле 96,5 проценти или 558.336 предмети, со просечно време на решавање на предметите од 74,8 дена. На почетокот на годината имале 93.072 нерешени предмети од претходниот период, додека на крајот од годината го зголемиле тој број за дваесет илјади, на 113.313. Кај второстепените пак, ажурноста била речиси двојно полоша, односно просечното време за решавање на предметите на апелационите судови низ земјава по предмет бил 146,79 дена или нешто помалку од пет месеци. Бројот на нерешени предмети го зголемиле за две илјади од 9.225 на почетокот на годината, на 11.264 нерешени предмети на крајот од годината.

Објавено на

часот

Сподели

Минатата година во земјава имало вкупно 391 судии. Тоа значи по 21 судија на 100 илјади жители, што е во рамки на европскиот просек. Но, бројот на судии во земјава од година, во година постојано се намалува, па така, од 493 во 2020 година, е намален на 473 во 2021, па на 449 судии во 2022 година.

Од предвидените по систематизација 639 судиски места, пополнети биле 61 процент или 391 судиско место. Но, и од нив, не сите биле активни судии, односно на речиси десет проценти или 36 судии, местата им биле ставени во мирување. Недостигот на судии по судови не е рамномерен, па така додека 12 судови работеле со помалку од половина од предвидените судии, меѓу кои и ОС Берово и ОС Крушево со ниту едно пополнето судиско место, па во нив претседателот на судот, кој работел и како судија, бил избран од друг суд. Основните судови во Прилеп и Струга работеле со една петтина од потребниот број на судии.

Околу 5 проценти или 19 судии биле делегирани во друг суд. Ова е особено непопуларно решение за пополнување на подолго испразнетите места во помалите судови беше видливо и со изборот на судии од последната генерација на Академијата на судии и јавни обвинители. Па така, откако на огласите за избор на судии во некои од помалите судови не се пријави ниту еден кандидат, Судскиот совет немаше друго решение, освен да ги избере во поголемите судови каде што конкурирале, а потоа да врши делегирање.

Во просек за решавање на предметите граѓаните чекале од 20 до 200 дена

Според Извештајот за работата на судовите во 2023 година сите основни судови решиле вкупно 558.336 предмети, со просечна стапка на решени предмети од 96,50 проценти. Просечно за решавање на предметите на судовите им требало по 74,08 денови.

По апелациони подрачја ажурно е само Гостиварското, со стапка на решени предмети од 100,48, а истовремено и со најмало просечно време за решавање предметите – 39,72 дена. Сите останати се неажурни. Најнеажурно е Битолското со стапка на решени предмети од 93,79 проценти, а истовремено и со највисоко просечно време за решавање на предметите 118,62 дена. Речиси три пати повеќе од Гостиварското.

Скопското апелационо подрачје има стапка на решени предмети од 94,84 проценти и просечно време за решавање на предметите од 79,48 дена. Штипското апелационо подрачје има стапка на решени предмети од 98,95 проценти и просечно време на решавање на предметите од 63,77 дена.

Во просек најмногу време за решавање на предметите му биле потребни на Управен суд – 206,76 дена.

Од Основните судови, најмногу време за решавање на предметите им требале на ОС Прилеп – 205,73 дена, Основниот граѓански суд Скопје – 161,25 дена и Основниот суд во Охрид – 146,54 дена. Повеќе од три месеци за решавање на предметите им биле потребни и на ОС Струга – 142,22 дена, ОС Крушево – 115,93 дена, ОС Крива Паланка – 107,51 дена, ОС Радовиш – 102,41 дена и ОС Делчево – 102,15 дена. Тука, треба да се нагласи дека основните судови во Прилеп и Струга работеле само со една петтина од потребниот број на судии.

Најажурни биле Основниот суд во Дебар и Основениот суд во Гевгелија каде во просек за решавање на предметите им требало по 13 дена. Помалку од месец за решавање на предметите им требало и на Основниот суд Виница – 21,04 дена, ОС Кавадарци – 21,08 дена, Основниот суд Тетово – 22,97 дена и Основниот суд Кратово – 27,37 дена. Интересно е дека во сите овие судии работеле со над 60 проценти пополнетост, освен основните судови во Кратово и Виница кои работеле со една третина од потребните судии.

По апелациони подрачја најажурни биле судовите од Гостиварското, каде во просек ги решавале предметите за 39,77 дена. Од четирите основни суда на подрачјето на Апелација Гостивар најажурен бил ОС Дебар со 13,53 дена за решавање на предметите, а најмалку ажурен ОС Гостивар – 70,32 дена.

Второ по ажурност е Штипското апелационо подрачје, каде во просек предметите се решавале за 63,77 дена. Најажурен на ова подрачје бил Основниот суд во Виница – 21,04 денови, а најмалку ажурни Основните судови во Радовиш и Делчево – по 102 дена. Интересено е дека сите три судови работеле со околу една третина од предвидениот број на судии.

Трето по ажурност е Скопското апелационо подрачје, каде во просек за решавање на предметите на судовите им требале по 79,48 дена. Најажурен на ова подрачје бил Основниот суд во Гевгелија – 13, 86 дена, а најнеажурен Основниот граѓански суд во Скопје, каде во просек за решавање на предметите биле потребни 161,25 дена.

Битолското апелационо подрачје е најнеажурно, каде во просек предметите судовите ги решавале за 118,62 дена. Од судовите на ова подрачје најажурен бил Основниот суд Битола – 63,65 дена, а најнеажурен Основниот суд во Прилеп – во просек по 205,73 дена за решавање на предметите.

За судскиот систем одвојуваме 19 евра по глава на жител – четири пати под европскиот просек

Според податоците на Евростат во просек, во периодот 2019-21 година во Европа имало по 18 професионални судии на 100 илјади жители, од кои процентуално 58,5 биле жени.

Сепак, податоците покажуваат големи разлики меѓу земјите. Така, најголем број на професионални судии на 100 илјади жители има Словенија (42,3), потоа следат Хрватска (41,6), Луксембург и Романија (по 35,7), додека дури шест земји членки на ЕУ имале под десет професионални судии на 100 илјади жители – Малта, Шведска, Чешка, Шпанија, Австрија и Ирска.

Последниот достапен извештај на Европската комисија за ефикасност на правдата (CEPEJ) за судските системи од 2022, со податоци од 2020 година покажува дека земјава е далеку под европскиот просек според буџетот што го одвојува за судскиот систем – 19,27 евра по глава на жител, наспроти 78,09 евра по жител на ниво на Европа. Но, во однос на процентот на БДП што се одвојува на судскиот систем со 0,37 проценти од БДП е малку над европскиот просек од 0,35 проценти од БДП-то.

Во рамки на активностите од проектот Национална конвенција за Европската Унија во Северна Македонија денеска ќе се одржи 10-тата сесија на Работната група 3 – Правосудство и основни права (По

Земјава влегува во групата А, земји со БДП под 10 илјади евра по глава на жител. Во ова група најмногу пари за судскиот систем одвојуваат Црна Гора (64,2 евра по жител или 0.80 проценти од БДП), Бугарија (54,13 евра по жител или 0.61 проценти од БДП), Србија (40,21 евра по жител или 0.66 проценти од БДП) и Босна и Херцеговина (37,81 евра по жител или 0.73 проценти од БДП). Помалку од нас трошат Турција (16,2 евра по жител или 0.21 проценти од БДП) и Албанија (14,53 евра по жител или 0.33 проценти од БДП).

Генерално најмногу средства за судскиот систем по глава на жител одвојуваат Швајцарија (217,13 евра по жител или 0.29 проценти од БДП), Монако (199,42 евра по жител или 0.29 проценти од БДП) и Луксембург (176,73 евра по жител или 0.17 проценти од БДП).

Годинава треба да се пензионираат 18 судии, а да завршат обука 55 кандидати

Според анализата на Комисијата при Судскиот совет за утврдување на бројот на слободни судиски места на X-та генерација на слушатели во Академијата за судии и јавни обвинители треба да изнесува 162.

Во Основните судови за навремено и ажурно постапување по предметите бројот на потребни судии изнесува 434, додека моменталната пополнетост е 272 места. Во 2024 година ќе се пензионираат 11 судии, во 2025 – 15, а во 2026 – 14 судии.

На Апелационите судови, во моментот од предвидените 118 судиски места, судиска функција вршат 64 судии. До крајот на 2026 година ќе се пензионираат вкупно 12 судии. Во Врховниот суд потребни се 26 судии, а во моментот судиската функција ја извршуваат 14 судии.

За да се пополнат судиските места во апелационите и Врховниот суд потребни ќе бидат 85 судии кои ќе треба да бидат извлечени од основните судови.

До крајот на 2026 година произлегува дека во Основните судови очекувано е да постапуваат 232 судии, во апелационите судови – 54, а во Врховниот – седум судии, ако се одземат само пензионирањата.

Осмата генерација на кандидати на Академијата за судии и јавни обвинители се очекува да ја заврши обуката на крајот на 2024 година и брои 55 кандидати. За деветтата генерација Академијата запишува 100 кандидати за обука за судии. Потребниот број на кандидати кои треба да се запишат во десеттата генерација е 162, согласно оваа математика на прилив и одлив.

Укинување на два ОС и намалување на бројот на судии во повеќе од десет 

Работната група на Судскиот совет – во анализата објавена на 26 февруари 2024 предлага намалување на бројот на предвидени судии по систематизација во 12 основни судови, како и преиспитување на потребата од функционирање на два основни судови – Крушево и Кратово и нивно функционирање како одделение на некој поголем суд.

Само во еден основен суд Работната група предлага зголемување на бројот на предвидени судиски места и тоа во ОС Кичево, додека за останатите 14 основни судови не се предлагата промени во бројот на предвидени судиски места за оптимално функционирање.

Според овие податоци моменталната пополнетост на судии по основните судови е 60 проценти. По апелациони подрачја најдобро пополнето е скопското со 68 проценти, потоа следи гостиварското со 59,4 проценти, па штипското со 55 отсто и најслабо пополенто е битолското со 40,9 проценти. Кај самите апелациони судови, најмногу судии има Апелација Гостивар со пополентост од 87,5 отсто, потоа следи Апелација Скопје со 57,7 отсто, додека Апелација Битола има 52 и Апелација Штип само 50 отсто пополентост.

Работната група на апелационот подрачје Битола за четири основни судови смета дека треба да се намали бројот на предвидени судиски места и само за два да останат исти – ОС Битола и ОС Прилеп. За ОС Крушево дури и предлага да се размисли за негово укинување и префрлање како одделение во рамки на друг суд. Според работната група оптималниот број на судии за функционирање на судовите на ова подрачје е 76 судии. И со таа бројка, сепак моменталната пополнетост ќе остане ниска – 44 отсто.

За основните судови од апелациско подрачје Гостивар, работната група предлага намалување во ОС Дебар, зголемување во ОС Кичево, а во два бројот на предвидени судиски места да остане ист. Според работната група оптималниот број на судии функционирање на судовите на ова подрачје е 71 судии, што е за две места повеќе од моментално предвидените 69. Со таа бројка, моменталната пополнетост ќе биде 57,7 отсто.

За четири судови од апелационо подрчаје Скопје работната група смета дека бројот на потребни судиски места треба да остане ист, додека во пет судови треба да се намали. ОС Кратово според работната група треба да се размисли да се укине и припои како одделение на некој поголем суд. Според работната група оптималниот број на судии во ова подрачје е 221, за 15 помалку од моментално предвидените судиски места. Со таа бројка моменталната пополнетост би била 73,3 проценти.

Работната група смета дека во два основни суда од апелациското подрачје Штип треба да се намали бројот на судиски места во ОС Делчево и ОС Струмица, додека за сите останати бројот да остане ист. Според работната група оптималниот број на судии во ова подрачје е 66, за 3 помалку од моментално предвидените судиски места. Со таа бројка моменталната пополнетост би била 57,8 проценти.

МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ