Тошковски во објава на својот фејсбук профил наведува дека според Законот за кривична постапка судот врши надзор над куќниот притвор, а надзорот може да ѝ го довери на полицијата, определувајќи го и начинот на неговото извршување.
„Во решението за куќен притвор на предметното лице, судот определил дека надзорот над куќниот притвор се доверува на МВР, притоа не определувајќи го начинот на извршување, иако тоа е законска обврска“, наведува Тошковски.
Тој пишуа дека според неговото претходно работно искуство како адвокат се сретнал со решенија за определување на куќен притвор, каде прецизно било определено на кој начин да се извршува надзорот од страна на полицијата.
Во објавата Тошковски наведува дека и покрај тоа што судот не го определил начинот на вршење надзор, од страна на СВР Скопје биле вршени проверки во неколку наврати, а последната проверка била извршена на 13 август, кога Рамадани бил на пријавената адреса.
„Согласно досегашната воспоставена пракса, добропозната за судот, при извршување на мерка куќен притвор, полицијата не го обезбедува 24 часа домот каде се извршува мерката, туку повремено, во определени временски интервали, ненајавено го проверува присуството на лицето во неговиот дом. И покрај тоа што судот не го определил начинот на вршење надзор, од страна на СВР Скопје во повеќе наврати биле вршени проверки, при што последната проверка е извршена на 13 август 2024 година, кога лицето било на предметната адреса, за што од страна на полициските службеници е изготвен и соодветен службен материјал“, наведува Тошковски.
Одговорноста, системска или индивидуална, за бегството на Косовецот Блерим Рамадани кој избега од куќен притвор во Македонија треба да се бара кај органот кој го врши надзорот, а тоа е МВР, соопштија претходно денеска од Основниот кривичен суд Скопје откако јавноста побара одговорност од судијата Пајазит Пајазити затоа што одлучи Рамадани кој се бара со потерница од Србија, од притвор да оди во куќен притвор додека трае екстрадициската постапка.