сабота, 27 јули 2024

Судот одреди 13 притвори, еден куќен притвор и 12 мерки на претпазливост во случајот „Синџир“

Од Кривичниот суд потврдија дека се прифатени барањата од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и притоа се определени 13 ефективни притвори, еден куќен притвор и 12 мерки на претпазливост во врска со осомничените во случајот „Синџир”.

Објавено на

часот

Сподели

Во акцијата „Синџир“, што се спроведуваше вчера на повеќе локации во Неготино, Кавадарци, Битола и Охрид, опфатени се 26 физички и 28 правни лица кои се сомничат за злосторничко здружување, даночно затајување и за перење пари.

Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) вчера информираа дека при извршените претреси обезбедена е дополнителна документација која ќе биде предмет на обработка. 

Приведени се 20 осомничени лица од Неготино, Кавадарци, Битола, Охрид и Скопје, а шест лица се недостапни на органите на прогонот. 

„Осомничените со сите противправно преземени дејствија, во име и за сметка на кривично одговорните правни лица во нивна сопственост и управување, не пресметале и не платиле данок – давачка на која биле законски обврзани. На овој начин, со намера за себе да се стекнат со противправна имотна корист, осомничените предизвикале штета на Буџетот од безмалку 8 милиони евра“, наведе Обвинителството во вчерашното соопштение.

Воедно, како што посочија од Обвинителството, во временскиот период од 22.10.2020 до 31.12.2021 година, во Неготино, Струмица, Скопје, Штип и во Велес тројцата организатори на злосторничкото здружение и четири осомничени припадници на злосторничкото здружение со цел да го прикријат потеклото на паричните средства и нивното движење, пуштиле во оптек, примиле пари и извршиле пренос на парични средства и подигале парични средства во готово во вкупен износ од 651.168 евра за кои знаеле дека се прибавени со кривично дело даночно затајување. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ