сабота, 27 јули 2024

Судот го одби барањето на Трамп да му се одложи судењето закажано за 15 април

Судот во Њујорк го отфрли барањето на поранешниот американски претседател Доналд Трамп да му се одложи судењето закажано за 15 април додека Врховниот суд на САД не ја разгледа тужбата за претседателски имунитет во врска со посебен кривичен случај.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Трамп побара да му се одложи почетокот на судењето за обвиненијата дека ѝ платил пари на порно ѕвезда да молчи за нивната наводна врска пред изборите во 2016 година, додека Врховниот суд не одлучи дали тој е заштитен од кривично гонење со „претседателски имунитет“ во друг кривичен случај против него, пренесува Си-би-ес њуз.

На 25 април, Врховниот суд треба да ги сослуша аргументите на поранешниот американски претседател дека има имунитет од федерално гонење за обидот да го поништи изборниот пораз во 2020 година. Неговите адвокати во случајот во Њујорк во март побараа од судијата Хуан Мерчан да го одложи судењето додека не заврши процесот пред Врховниот суд, тврдејќи дека тоа е релевантно затоа што обвинителите имале намера да презентираат докази за изјави што Трамп ги дал додека бил претседател од 2017 година до 2021 година.

Мерчан во одлуката од средата изјави дека Трамп чекал премногу долго за да го покрене ова прашање.

„Обвинетиот имал многу можности да поднесе барање за претседателски имунитет многу пред 7 март 2024 година“, напиша Мерчан. Трамп, кој како кандидат на Републиканската партија на претседателските избори во ноември ќе оди на дуел со претседателот Џо Бајден, се изјасни за невин по ниту едно од четирите кривични обвиненија со кои се соочува.

Во случајот во Њујорк, Трамп е обвинет за прикривање на исплата од 130.000 долари на порно ѕвездата Сторми Даниелс непосредно пред да победи на претседателските избори во 2016 година за да ја спречи јавно да зборува за нејзината наводна врска со него една деценија порано. Трамп ја негираше аферата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ