сабота, 27 јули 2024

Судир на возови во Чешка, четворица загинати и десетици повредени (ВИДЕО)

Во судир меѓу патнички и товарен воз во Пардубице, Чешка доцна синоќа загинале четири лица, а 23 се повредени, јавуваат чешките медиуми.

Фото: социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Соопштено е дека брзиот воз од Прага до словачка Кошице, со околу 200 патници, се судрил со товарен воз во Пардубице, на околу 100 километри источно од главниот град на Чешка. Портпаролката на локалните спасувачки служби изјави за чешката телевизија дека има и тешко повредени лица.

Според железничката управа, возовите се судриле на новата станица Пардубице центрум, а судирот го прекинал сообраќајот на коридорот кон Моравска, пишува на веб-страницата на Чешката железница.

Според објавените фотографии и видеа, возовите директно се судриле, а најмалку еден вагон од патничкиот воз излетал од шините и делумно се превртел.

Моментот на судирот го снимила надзорна камера. На видеото се гледа како возот се движи по пругата, пред да се слушне морничавиот и заглушувачки звук од ударот.

На местото на несреќата веднаш пристигнале министерот за внатрешни работи Вит Ракушан и министерот за транспорт Мартин Купка. Ракушан изјави дека брзиот патнички воз е на приватната компанија Региоџет. Тој додаде дека никој од повредените не е во животна опасност.

Министерот за транспорт Мартин Купка рече дека главната линија меѓу Прага и источниот дел на земјата мора да биде затворена додека властите го истражуваат судирот. „Не можеме и нема да шпекулираме за причината за несреќата“, рече тој. Државната железничка компанија Чешки железници соопшти дека пругата најверојатно ќе остане затворена најмалку 24 часа „поради обемот на несреќата“.

За трагедијата коментираше и премиерот Петр Фиала. „Судирот на два воза во Пардубице е голема несреќа. Сите мислиме на жртвите и на загинатите. Изразувам искрено сочувство до сите преживеани“, рече тој на мрежата Икс.

Загинатите сè уште не се идентификувани. Според локалната новинска агенција ЦТК, двајцата машиновозачи преживеале.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ