сабота, 27 јули 2024
Интервју

Судијката Гајдова: Кога сите во судница плачат, се штипеме под тогите да не пуштиме солзи

Објавено на

часот

Сподели

Оваа жена, сопруга и мајка на две ќерки, од кои едната со Даунов синдром, вели дека кога си судија, не смеат да те кршат емоциите, но признава и дека во предмети со починати деца се штипат со колешките под тогите за да не заплачат…

Казненото право треба да им понуди највисока правна заштита на граѓаните, а од друга страна довербата во судството според минатогодишната анкета на „Евротинк“ е на многу ниско ниво, односно само 8 отсто? Зошто граѓаните не им веруваат на судиите?

Не знам колку е релевантен тој процент, бидејќи ако се направи анализа, односно ако се видат истражувањата од Центарот за правни истражувања, на годишно ниво по судија во државава се решени 1.500 предмети. Ми се наметнува прашањето дали таа бројка на предмети произлегува од тие 8 отсто што имаат доверба?

Во оној процент што вие го споменувате не знам на кој начин се правени истражувањата, односно дали се опфатени сите граѓани или само оние што имале потреба од суд или пак никогаш не биле во контакт со суд.

Во рамките на кривичната постапка странката не може да избира дали ќе дојде или не. Овде те гони државата и не зависи од волјата на странката дали некој ќе биде обвинет или не. Но кога зборуваме за граѓански постапки, вонпроцесни постапки, управни спорови… тие сите се по иницијатива на странките. Не ми е логично само овие вторите да ги иницираат тие 8 отсто бидејќи кога бараат судска заштита, логично е да имаат доверба во судството.

д

Сметате дека во овој мал процент имаат удел големите предмети што се водат во Основниот кривичен суд Скопје, кои долго траат, кои се враќаат на повторено судење, застаруваат и слично, а за кои медиумите најмногу известуваат?

Во право сте. Таа доверба и недоверба на граѓаните се темели на можеби мал број, односно неколку предмети што се високопрофилирани. Таков е мојот впечаток, а големо влијание тука имаат и медиумите. Вие сте креатори на јавното мислење.

Но во секоја професија нѐ има секакви, и меѓу новинарите и меѓу судиите, па не се сите професионалци, а доказ за тоа се и постапките против медиуми што се водат на суд. Проблем се недоволното истражување, односно ненаоѓањето одговори на клучните прашања, на пример зошто предметите толку долго биле одложувани, и да се навлезе подлабоко во проблемот и да се провери дали навистина е направена суштествена повреда на правото. Можам да гарантирам само за себе и моите предмети, но верувам дека секој судија се труди од петни жили да ја врати довербата на граѓаните.

Ако мене лично ме прашате, довербата се враќа само со транспарентност, отвореност, и затоа имам добра соработка со медиумите. Сакам присуство на јавноста на моите судења и сакам преку новинарите, граѓаните да видат сѐ што се случува во судница, кој каков исказ има дадено, какви се доказите, за на крајот јавноста да може полесно да ја прифати донесената пресуда. И не можам да не го споменам селективното информирање на новинарите како креатори на јавното мислење за овие високопрофилирани предмети. Медиумите треба да бидат реални, а добро е јавноста да слушне и за други, помали предмети, кои на обвинетите и на оштетените секако им се подеднакво битни.

Три години затвор за 150 ќебапчиња е вашата пресуда. За оваа одлука имаше многу негативни коментари во јавноста, а беше споредувана и со многу други пресуди, кои беа донесени за посериозни кривични дела, а иста висина на казната. За Вас ова е реална и коректна одлука?

Си стојам зад секоја пресуда што сум ја донела дека е законита, а има случаи кога се донесени законити, а неправедни одлуки. Овде новинарот требаше да истражи и да навлезе малку подлабоко и да види дали се само 150 ќебапчиња, да навлезе во личноста на сторителот и подобро да го анализира образложението на пресудата, затоа што тоа беше период кога важеше Правилникот за одмерување на казни донесен од Врховниот суд, а потоа следеше и Закон за одмерување на видот и висината на казната.

Судот не ги носи законите, туку ги спроведува. Она што важеше тогаш вршеше градуирање на висината на казната што треба да биде изречена за определено кривично дело по степени, а тоа зависеше од претходната осудуваност на обвинетиот.

Тука, со оглед дека се работеше за сторител што уште од малолетник го имаме во кривична евиденција како сторител на исти и истородни кривични дела, односно специјален повратник, постојан сторител на разбојништва, кражби, тешки кражби… зборуваме за профил на човек што сите во зградата го знаевме. Тој тукушто беше пуштен на викенд од затвор, не му беше ни отслужена казната, а во украденото не беа само 150 ќебапчиња, туку беше сѐ што нашол во кафеаната, ама буквално сѐ. Ракија, кашкавал… тоа имало, тоа зел. Тоа укажува дека и милион евра да нашол, ќе ги зел.

д

Допираат ли до Вас негативните коментари за оваа пресуда, бидејќи ги имаше многу?

Се трудам да не ги читам затоа што, да бидам искрена, не ми е драго. Овде веста не е пренесена како што треба. Ако беше пренесена како што треба, тогаш ќе се лоцираше проблемот, односно зошто за 150 ќебапчиња е изречена казна од 3 години, која според сѐ што како закон важеше во тој период, е минимална казна затвор за овој човек.

Ова требаше да го повлече прашањето дали тој Правилник и Закон за кои претходно зборував се добри или не, и дали треба да се укинат. Потоа се покажа дека овој Правилник и Закон не е добар, па се укина.

Постои ли автономија и независност кај судиите од законодавната и извршната власт?

За себе можам да тврдам, но за другите судиите не би знаела. Не сум во позиција во која можам да дадам таков одговор, но сакам да верувам дека поголем дел од судиите се независни.

Сте добиле ли во Вашата 15-годишна судиска кариера непристојна понуда или телефонски повик со наредба за да изречете пресуда по нарачка?

Најтешка ми беше првата година по изборот, кога имаше обиди да се дојде до мене, и тоа не го прават директно, туку наоѓаат линкови. Имав таа година две до три непристојни понуди, ги одбив и потоа е лесно.

Понуди со ветување повисока позиција, пари…?

Со пари. Кога ќе ги научите граѓаните и кога ќе сфатат дека не можат на тој начин да си ги решат проблемите, тогаш е многу лесно.

Значи кога зборуваме за корупција во судството, клучот е кај судиите?

Апсолутно да. Секогаш е до личноста на судиите. Интегритетот е нешто што или го имаш, или не. Тоа не е нешто што се учи или можеш да се надградиш или може некој да те научи. Тоа се вика интегритет, да знаеш да се осмелиш пред тие предизвици и да одбиеш такви непристојни понуди.

Тогаш ако е само во првата година, во следните 14 немало непристојни понуди?

Не можам точно да кажам, но во почетокот имаше, да.

Непристојните понуди во првата година беа за во јавноста познат предмет или? Ќе откриете кој е?

Познат интересен предмет. Но не. Не би сакала да откривам.

д

Што е најтрнливо на патот до правдата, мешањето на политиката, корупцијата или лошо избраните кадри?

Несоодветниот кадар, дефинитивно. Судот има обврска да донесе законита одлука што не секогаш е праведна.

Некогаш на примарен сторител за 50 килограми марихуана требаше да му се изрече 4 години затвор, а на повратник за 2 грама хероин исто така 4 години затвор. Имате две законити, но неправедни одлуки. Значи, илустрирам со примери – законито, а неправедно. За да може да донесете законита одлука, вие мора да сте непристрасен, независен и со интегритет. Мора да бидете како Јустиција, слеп, да не вклучите емоции кон едната или другата страна, туку буквално на тасот да ги ставате доказите и каде ќе натежне, така да одлучите. Само судии со интегритет може да го постигнат тоа.

Значи со професионален кадар немате ни корупција, ни мешање на политичарите, туку само обиди?

Апсолутно да. Пресуден е интегритетот.

На 7 декември 2014 година Ви го запалија возилото. Тогаш изјавивте дека чувствувате страв. За време на пожарот децата не биле дома и не го виделе огнот, а автомобилот бил паркиран под прозорецот од детската соба. Полицијата тогаш ја чува вашата куќа, но сепак се случува овој настан. Како е да се живее еден ваков период под закани со оглед дека сте жена, мајка, сопруга, па судија…?

Добив закани и за мојот и за животот на моето семејство. Овие закани му претходеа на палењето на мојот автомобил. Ги пријавив заканите во полицијата и процената беше дека треба да го обезбедува мојот дом само во ноќните часови. Заканите беа лично од обвинет во мој предмет кому му судев за тешка телесна повреда. Не знам дали се работеше за лоша проценка, но полицијата го чуваше мојот дом од 22 часот, а опожарувањето се случи претходно. Една недела претходно беше опожарено возило на мој колега на истиот начин. Среќа во несреќа е што ние не бевме дома, а и што не било многу доцна и не сме спиеле. Кога се вратив и ја видов собата на моите две деца, внатре немаше воздух. Можете да замислите што ќе беше ако сме спиеле.

Некој добро анализирал кога полицијата е тука, кога си оди и го запалил возилото во период кога немало полиција?

Па, заклучокот е тој, но не можам да тврдам бидејќи сторителот не се откри, а кривичното гонење застари. Ете, постојат предмети во кои судиите се оштетени, а сепак застаруваат. Тешко е да се справите со вакво нешто. Тешко е да глумите пред семејството дека ништо не допира до вас.

Тогаш децата беа помали, сега веќе се поголеми и можам да им објаснам. Поголемата ќерка ми е со Даунов синдром. Не е едноставно да глумите дека сѐ е во ред, а и да глумите дека ништо понатаму не може да се случи. Од друга страна, стравувате дека кога ќе излезете надвор, може нешто да ви се случи и вам и на семејството. За палењето на моето возило тогаш ни Судскиот совет не излезе да даде поддршка барем со едно бедно соопштение. Единствено Здружението на судии го осуди палењето на возилата на двајца судии од Основниот суд во Велес. Тогашниот Судски совет не најде за сходно да нѐ заштити во тоа време, 2014 година.

Сѐ уште го имате тој страв? Ќе Ви беше полесно ако се откриеше сторителот?

Да, и многу ќе ми беше полесно, бидејќи на овој начин се испраќа една погрешна порака и погрешен сигнал до граѓаните дека секој може сѐ да прави ако не е задоволен од работата на судијата, односно ако судијата не знае да направи компромис така како што нему му одговара, што се покажа во практиката.

д

Сметате дека како судии сте незаштитени?

Да, за жал. Треба да се зајакне безбедноста на судиите, на пример да се постави видеонадзор во домовите каде што живееме. Не велам дека треба да има 24-часовно обезбедување, непотребно е. Но секогаш и на шега велам судиите што го судеа предметот за Диво Насеље ги паркираа возилата на паркингот на работа, за разлика од обвинителот, кој доаѓаше со обезбедување. Па зарем животот на судиите е помалку вреден од оној на обвинителите? А за обвинетиот што е во судница повеќе е виновен судијата што го осудил, отколку обвинителот што го поднел обвинението.

Магистер сте по правни науки. Сте магистрирале на тема лекарска грешка во 2018 година. Во една изјава ќе кажете дека не е точна перцепцијата на јавноста дека секој смртен случај на пациент е резултат на лекарска грешка. Пациенти во болниците умирале, умираат и ќе умираат, за жал. Но имаат ли социјалните мрежи влијание во тоа што граѓаните ги напаѓаат лекарите секогаш кога ќе почине пациент. Бидејќи сега секогаш, кога и да почине пациент, веднаш тоа се објавува на Фејсбук и без да се почекаат докази се обвинуваат и се оцрнуваат лекарите?

Во право сте. Мене многу ми пречи што по секој починат пациент секој лекар е изложен на линч. Ако во судството обвинетиот е невин сѐ додека не се докаже спротивното, во здравството се чини дека лекарот е виновен сѐ додека со правосилна пресуда не се докаже дека е невин.

Медицината е една хумана професија и убедена сум дека не постои лекар што сака да му почине пациент. Јас сум израсната во докторска фамилија, мајка ми е лекар, сестрата и зетот ми се лекари, чичкото ми беше лекар… Опкружена сум со лекари, а јас сум правник. Но и повторно да се родам, пак би ја избрала истата професија. Можеби и затоа сум ја одбрала лекарската грешка како една тема во која се судираат правото и медицината, а и докторската дисертација ми е повторно нешто меѓу медицината и правото.

Со социјалните мрежи како да се удри голема атака врз лекарите и точно е дека секој смртен исход не е лекарска грешка од казнено-правен аспект. Голема е разликата што е лекарска грешка за лекарите, а што за нас правниците. Казнено-правната одговорност е најтешка одговорност кога се работи за лекарска грешка.

Тешко ли е да изречете пресуда за лекарска грешка и некому да му ја запечатите кариерата?

Патот од случување на настанот до донесување на пресудата, односно патот до правдата, често пати е долг и трнлив. Колку брзо ќе се заврши тој процес зависи од тоа кои дејствија ќе се преземат во самиот почеток. Тоа значи квалитетна истрага и квалитетно преземени истражни дејствија. Кај докажувањето на лекарската грешка тоа би значело обдукција ако настапила смрт.

Треба да сфатат граѓаните дека ако настапи смртен исход, а тие се сомневаат во лекарска грешка, задолжително мора да биде спроведена судско-медицинска обдукција. Тој документ е неопходен бидејќи без утврдена причина за смрт, лекарска грешка со смртен исход не може да се докаже. Втората работа е судско-медицинско вештачење бидејќи тука се поставуваат прашања во однос на постапувањето на лекарот на кои одговор може да даде само лекар.

Ние знаеме како правници што да го прашаме лекарот за да утврдиме дали има елементи на кривично дело. Судско-медицинското вештачење и обдукцијата се клучот во предмети со сомнеж за лекарска грешка. Ако тоа не се обезбеди во почетокот, тогаш многу тешко може да се сработат тие предмети. Подоцна може да се ексхумира трупот, но трулежните промени ги бришат фактите. Ако странките ви понудат квалитетни докази, секако дека ќе донесете доволно квалитетна одлука и тогаш немате проблем. Но ако имате недостаток во доказите, многу тешко се докажува и лекарска грешка и кое било друго кривично дело.

Ние како судии никогаш не сме оптоварени кому му судиме, дали на лекар, на доктор на науки или на некој што нема елементарно образование. И воопшто не мислиме на тоа дали некому ќе му запечатиме кариера, туку пресудата што ја носиме да е праведна и законита и да ги оствари целите на казнувањето. Тоа значи и обвинетиот да го превоспитаме и ресоцијализираме, а да обезбедиме и генерална превенција, за и другите да сфатат дека не може да се помине туку-така.

Се сеќавам на предмет во кој почина дете, наводно од операција на слепо црево. Но потоа излезе дека причината не е тоа. Хирургот беше осуден на казна затвор од една година. Тој излезе од затвор и веќе работи во некоја приватна болница. Ми се случило да дојде лекар и да ми каже ‘благодарам, размислив и ме превоспита’.

Да се утврди фактичка состојба е многу тешка работа, но подеднакво тешко е и да ја одмерите казната бидејќи го лишувате човек од едно од најзначајните права, а тоа е правото на слобода. Кривичниот законик само ви дава насоки по кои се водиме за одмерување на казната и никогаш немате 2 исти предмети.

Кој дел е потежок, пред или по донесувањето на пресудата?

Пред да ја донесам одлуката. И затоа гледаме да се советуваме со членовите на советот ден-два по завршувањето на расправата за да може убаво да ги видиме доказите. Некогаш и се надгласуваме. Имало пресуди кога лично сметам дека казната е превисока, ама членовите ме надгласуваат.

Го судевте предметот со Маја Кадиева и нејзиното бебе, каде што, за жал, и родилката и бебето починаа на 22 октомври 2015 година. Гевгелискиот анестезиолог Томчо Ванчев, кој пијан влегол во салата за породување, првично доби затвор од 4 години за тешки дела против здравјето на луѓето, па потоа една, бидејќи обвинителот го преквалификува делото како дело сторено од небрежност. Тогаш ќе кажете дека лекарот постапил спротивно на протоколите поради што настапила смрт. Тој не погрешил кога го закажал терминот за породување, но во салата влегол пијан. Зарем е доволна казна затвор од 1 година за ваква грешка, која однесе два животи?

Остана недокажано дали анестезиологот влегол во салата пијан, бидејќи немаше докази за тоа. Како што кажав и погоре, сѐ зависи од првите преземени дејствија. Во овој предмет е направен голем пропуст бидејќи тој е само алкотестиран, или му беше земено крв еднаш. Но вештаците од судска медицина не можеа да кажат дали пиел пред или по настанот, со оглед дека не му беше земана крв повторно. Неговата одбрана одеше во насока дека по случувањата на смртниот исход од вознемиреност од она што се случило зел да пие. Се бранеше дека влегол во салата трезен, но ние не можевме да утврдиме дали е тоа така бидејќи од почетокот имаше многу пропусти во текот на истражната постапка. Затоа и беше извршена преквалификација од кривично дело со умисла, во кривично дело од небрежност. Предметот е неправосилен и нема да коментирам дали е доволна таа казна затвор.

д

Ги ослободивте од кривична одговорност двајцата други лекари гинеколози што беа присутни на породувањето на сега починатата Кадиева. Зошто?

Овој предмет е во жалбена постапка пред апелацискиот суд во Скопје. Не би сакала да коментирам, само ќе кажам дека според првостепената пресуда во нивните дела не се содржеа елементи на кривичното дело несовесно лекување на болни. За да постои кривична одговорност, потребни се три работи.

Прво потребно е грубо флагрантно кршење на правилата на медицинската професија. Второ, да настапи последица, односно смртна последица, и трето, да постои каузалитет помеѓу претходните две работи. Може да се случи лекарот да не постапува совесно, но да нема смртна последица и обратно, да постапува совесно, а да настапи некаква последица. Во ниеден од двата случаи не може да има кривична одговорност. Во овој случај погоре се почитувале сите протоколи.

Случај Пале, првично гонета за убиство на миг, за кое кривично дело ја ослободивте од кривична одговорност бидејќи делото, според правосилната пресуда, е сторено во самоодбрана. Пале 4 пати пријавувала семејно насилство, но без одговор од институциите. Требаше ли да го убие невенчаниот сопруг за да се спаси?

Предметот за Пале е школски пример за нужна одбрана. Ова ми е втора пресуда донесена за нужна одбрана, а првиот предмет падна во Апелацискиот суд. Таму се работеше за телесна повреда, не за убиство како кај Пале. Сите елементи што треба да постојат за да може да стане збор за институтот нужна одбрана во предметот постоеја кај Пале.

Второ, овој случај е школски пример како треба да се сработи еден предмет, од почеток до крај. Совршено сработен увид на лице место, совршено обезбедени докази и траги, издадени наредби за сите потребни вештачења што треба да се направат во ваков предмет, веднаш пратена осомничената во тој период на преглед за да може да се утврди механизмот на нанесени повреди.

Пале имаше повреди на вратот, а од под ноктите на покојниот беше земен брис и беше најдена нејзина ДНК. Исказот на Пале дека била давена се докажа со материјални докази. Секоја пофалба за обвинителството. Овде имаме пример дека кога имаме доволно докази, можеме брзо да дојдеме до правдата.

Но овој предмет ни покажа и еден друг аспект, односно дека многу треба да работиме на родовата сензитивност, на социјалните служби, на полицијата и на сите чинители во оној синџир на семејното насилство. Полицијата е прва што има контакт со жртвата и пристапот е многу важен. Ако имате родово несензитивен полицаец, во смисла на тоа дека на насилството што една жена го пријавува и одговара, дека тоа се нивни проблеми што сами треба да си ги решат и ако тој не препознае дека треба да ѝ се даде помош, ништо не сме направиле.

Овие кривични дела се гонат само по волја на жртвата и ако таа се откаже, вие не можете ништо. Кај Пале имало 4 пријави и некој требало да ги процесуира. Некој требало да препознае бидејќи ненавременото реагирање доведува, еве, во овој случај до губење човечки живот. Па и да е насилник, тој имал право на живот. Кај Пале најмногу ме растревожи тоа како можеле институциите да потфрлат по 4 пријави за насилство. Факт е дека таа била жртва на семејно насилство, затоа беше и квалификацијата убиство на миг. Но емотивниот исказ на Пале не влијаеше на тоа. Како луѓе сочувствуваме и со едната и со другата страна.

д

Допираат до Вас емотивните изјави во судница?

Со тек на време како судии се навикнуваме да ги потиснуваме емоциите бидејќи во судница може да видите сѐ, од разлутени обвинети до емотивни изјави, еве како таа на Пале. Се учиме тоа да не допре до нас и да ги гледаме само доказите.

Но како луѓе не може тоа да не остави трага на вас. Ќе ви кажам еден пример за емотивност во предметот со случајот кај родилката Кадиева. Јавниот обвинител имаше таков емотивен воведен говор што сите во судница плачеа. Јас и колешката се штипевме под тогите и бев цела со модринки за да не заплачеме. Тоа е една внатрешна борба што не можам да ви ја објаснам. Вие морате да задржите „покер фејс“ бидејќи сите очи се вперени во вас. И тоа навистина не смее да влијае на одлуката и ете, се докажа, ете, двајцата гинеколози јас ги ослободив. Но толку беше емотивен воведниот говор и не можеш да останеш рамнодушен, луѓе сме, не сме машини. Порано сме оделе на увиди на лице место, каде што гледате сѐ освен умрени од природна смрт. Ми се случувало да се вратам дома и да не излезам од тоалет од повраќање. Се сеќавам и на предмет во кој таткото си ги злоставувал трите ќерки. Додека ја читав истрагата, одев во тоалет неколку пати, повраќав и се враќав да продолжам.

Кој предмет никогаш нема да го заборавите од они што сте ги суделе до сега?

Дефинитивно никогаш нема да ја заборавам Пале. А еве, ќе го издвојам и предметот со еден загинат работник во една фирма Кавадарци. Тој се заврши со правосилна ослободителна пресуда, каде што излезе дека нема докази дека тие се оние што се виновни за смртта на момчето. Низ доказите провејуваше дека се гледа кој е виновникот, но за тоа никогаш не се поднесе обвинение.

Ви стои како случај во кој сметате дека им е нанесена неправда на оштетените?

Па може така да се дефинира. Нивната загуба ништо нема да може да ја надомести. Но ете, од правен аспект остана како недовршен предмет.

Во случајот „Јавна соба“ има 12.000 члена, а само две правосилни пресуди, и тоа за детска порнографија. Овој случај е од 2020, а сега сме 2023. Телеграм не ги дава податоците на другите членови во групата што злоупотреби податоци и фотографии од жени и девојки и можно е никогаш да не ги дадат, а тоа значи и неможност за кривична постапка. Подоцна од овој предмет се направија измени во Кривичниот законик и се воведоа нови кривични дела, меѓу кои и демнење. Ќе помогне ли ова да не ни се повтори друга „Јавна соба“ и што покажа овој случај во јавноста?

Можеби и „Јавна соба“ беше причина за да се направат измени во КЗ и сите овие дејствија се дефинирани како посебни кривични дела. Не можам да коментирам за предметот бидејќи не ми е познато. Но ако е тоа така како што велите, односно ако законот ништо не може, вие не можете никого да присилите сам да дојде и да се пријави дека сторил кривично дело. Но со ова секако се испраќа една погрешна порака дека може на овој начин да се злоупотребуваат лични податоци.

Изрековте казна затвор од 18 години за обвинетиот Ангелче Николов, кој пред очите на мајката ја прегази малолетната Магдалена, а потоа побегна. Вашата одлука беше 17 и пол години за сообраќајката и 1 година за неукажување помош, а единствената е 18 години. Можеби сте единствениот судија што изрекол толку висока затворска казна за сообраќајка со жртва. Што беше пресудно за ваквата одлука?

Овде имаше признание на вина, и сѐ се сведе на задачата на судот само правилно да ја одмери висината на казната. Пресудно беше претходното поведение на обвинетиот. Тој во неколку наврати бил казнуван за брзо возење, имал мерка забрана за управување на моторно возило и ова само покажа дека се работи за човек со ниска сообраќајна култура и што би рекол народот, не му дошол умот.

д

Другото што беше околност што влијае на висината на казната е неговото однесување по настанот. Сме имале сообраќајни незгоди каде што возачот реагира веднаш, ја носи жртвата веднаш во болница, постојано се јавува да праша каква е нејзината здравствена состојба, нуди надомест на штета… Овде имате сторител што безобѕирно си заминал од местото на настанот, па еве, и откако дознал дека има починато лице да се јавел да праша, да изрази сочувство, да покаже каење, ама такво нешто немаше.. Тој се пријавил по 3 дена во полициска станица, но ние не сметавме дека е тоа олеснителна околност. Тој беше откриен по регистарската табличка што паднала на лице место.

Се наметнува прашањето дали ако не паднела, тој ќе се пријавел. И клучно беше тоа што се работеше за едно студено признание и ние воопшто не стекнавме впечаток дека е тоа искрено.

Ние со текот на времето стануваме психолози и уште од врата знаеме дали некој лаже или не. Сум видела сторители на сообраќајни несреќи што се здробувале од плачење и кои кажувале дека не ги интересира дури и да добијат доживотен затвор, оти велат дека легнуваат и се будат со таа слика и дека за нив живот нема. Таму гледате искрено каење и солзите тука не се глумат. Овде во овој случај немаше никакво каење. Само студено кажа „Признавам, му се извинувам на семејството“ и толку беше.

Катерина Додевска

Фото: Роберт Атанасовски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ