сабота, 27 јули 2024

Судијка го поништи пакетот на Тесла за Илон Маск од 56 милијарди долари

Судијка од американската сојузна држава Делавер го отфрли пакетот од рекордни 56 милијарди долари на Тесла за Илон Маск, наведувајќи дека компензацијата која ја одобрил одборот на произведувачот на електрични возила е „несфатлива сума“ која е неправедна кон акционерите.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Пресудата е донесена повеќе од пет години по тужбата на акционерите против извршниот директор Маск и директорот на компанијата кои се обвинети дека ги прекршиле обврските кон произведувачот на електрични возила и соларни панели, што резултирало со губење корпоративен имот и неосновано богатење на Маск.

Адвокатите на акционерите тврдеа дека компензацискиот пакет би требало да биде поништен бидејќи го диктирал Маск и дека бил резултат на лажни преговори со директорите кои не биле независни од Маск. Исто така кажаа дека го одобриле акционери кои добиле погрешни и нецелосни информации.

Акциите на Тесла паднаа за околу три отсто и некои инвеститори се фатија за таа одлука во надеж дека тоа би можело да ја поттикне Тесла да го промени начинот на кој се управува компанијата.

Управниот одбор на Тесла е критикуван за тоа што не обезбедил надзор над извршниот директор, кој се борел против регулаторот и истовремено водел неколку други компании.

Со пресудата, на која може да се вложи жалба, е поништен најголемиот пакет во корпоративна Америка. Судијката утврди дека компензацијата заснована на акциите ја преговарале директори кои се обврзани кон Маск, кого магазинот Форбс во моментов го рангира како најбогат човек во светот.

„Одборот никогаш не го поставил прашањето од 55,8 милијарди долари: дали планот воопшто е неопходен за Тесла да го задржи Маск и да ги постигне своите цели“, напишала судијката Кетлин Мекормик од судот во Денвер.

Одлуката е донесена во време кога Тесла предупредува на успорувањето на растот, а индустријата на електрични возила повторно ја проценува побарувачката. Компанијата Тесла под Маск стана највредниот произведувач на автомобили во светот, но голем дел од таа вредност е заснован на очекувања од идните пронајдоци, како роботакси кои сами возат.

Десетгодишниот договор на Тесла со Маск постигнат во 2018 би вредел околу 51 милијарда долари по заклучната цена на акциите на Тесла од вторникот.

Тоа би било отприлика четвртина од неговото богатство од 210,6 милијарди долари, колку што проценува Форбс, кој во моментов има околу две милијарди долари пред извршниот директор на ЛВМХ Бернар Арно од Франција и неговото семејство.

Пресудата е донесена додека Тесла се подготвува за уште една рунда преговори за компензација со извршниот директор. Маск на социјалната мрежа Икс, која исто така ја поседува, овој месец наведе дека му е непријатно да ја води Тесла освен ако нема контрола над 25 отсто од гласовите. Тогаш поседуваше околу 13 отсто од компанијата и кажа дека преговорите нема да почнат додека Мекормик не ја донесе пресудата.

Во сведочење на судењето во ноември 2022 Маск негираше дека ги диктирал условите на компензацискиот пакет или дека присуствувал на состаноците на кои одборот, неговиот комитет за надомести или работната група која помагала во развојот, расправале за планот.

Мекормик, меѓутоа, утврдила дека, бидејќи Маск бил контролен акционер со потенцијален конфликт на интерес, платниот пакет мора да подложи на поригорозни стандарди.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ