четврток, 24 октомври 2024

Судијата Наќе Георгиев ќе лежи три години во затвор, призна дека зел поткуп

Врховниот судија Наќе Георгиев ќе одлежи три години затвор откако денеска судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, по одржана седница во присуство на надлежниот јавен обвинител, судијата Георгиев и неговиот бранител ја прифати предлог-спогодбата меѓу Обвинителството и Георгиев и донесе пресуда со која осомничениот судија го огласи за виновен и го осуди на казна затвор во траење од 3 години за примање награда за против законито влијание. Воедно со пресудата, изречена му е и дополнителна мерка забрана за вршење на професијата во траење од 3 години од правосилноста како и конфискација на 15.000 евра, пари кои ги зел како поткуп, а со тоа и го извршил кривичното дело за кое е  осуден. Георгиев заедно со членот и заменик претседател на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети беа осомничени дека влијае во предмет што се води против поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев.

 

Објавено на

часот

Сподели

Претходно денеска Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) информираше дека според доказите осомничениот судија Наќе Георгиев од 6 април до 20 мај 2024 во Струмица и Скопје, како судија во Врховниот суд со искористување на своето претпоставено влијание, службена и општествена положба и углед, за наводна интервенција во предмет што се водел во ОЈО ГОКК, во два наврати директно побарал и примил награда од 15.000 евра.

„Откако на почетокот на месец април 2024 година, сведокот, против чиј татко се водела постапката, побарал помош од Н.Г, тој, како награда за да ги утврди околностите за интервенирање во кривичната постапка, побарал 5.000 евра од сведокот кои му биле предадени на Н.Г во неговиот дом во Струмица. На средбата Н.Г му рекол на сведокот дека ќе се обиде да издејствува минимална затворска казна од три години затвор за неговиот татко. Потоа сведокот и Н.Г. имале уште неколку средби и на една од нив Н.Г му кажал на сведокот дека за сума од 30.000 евра преку осудениот И.М. кој е заменик претседател и член на Советот за јавни обвинители наводно ќе интервенираат да се спроведе постапка за спогодување со неговиот татко – осомничен во предмет што се водел во ОЈО ГОКК за кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанци. Притоа Н.Г појаснил дека при утврдување на видот и висината на казната на татко му ќе му биде предложена и утврдена казна затвор од пет години, како минимална казна за предметното кривично дело, напоменувајќи му на сведокот дека доколку не се интервенира, татко му, по поднесен обвинителен акт, во судска постапка ќе добие многу поголема затворска казна и дека за цело времетраење на постапката, ќе му биде продолжувана мерката притвор. Осомничениот Н.Г. му ветил на сведокот дека во иднина преку неговото реално влијание, службена и општествена положба и углед како судија во Врховниот суд, преку други лица, ќе интервенира, тогаш веќе осудениот татко на сведокот, да добива погодности во текот на издржувањето на казната затвор, а по исполнувањето на условите да добие и условен отпуст од издржување на затворската казна. За да ги поткрепи своите ветувања осомничениот Н.Г. во три наврати во присуство на сведокот, преку апликацијата Ватсап комуницирал со осудениот И.М, кој разговор го слушал и сведокот, кога осудениот И.М кажал дека наводно се преземени сите дејствија за интервенирање за да биде одобрено барањето за склучување на предлог спогодбата така како што ветувал осомничениот Н.Г.“, наведуваат од ОЈО ГОКК во денешното соопштение.

Оттаму додаваат дека по постигнатиот договор и наводните преземени дејствија за интервенирање, осомничениот судија Георгиев и синот на поранешноот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев се договориле наградата во износ од 20.000 евра да му биде дадена по потпишувањето на предлог-спогодбата и нејзиното одобрување од страна на судија на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје, со што би се потврдило нивното влијание.

„Откако спогодбата со осомничениот татко на сведокот била потпишана и потврдена од судот на 20 мај 2024 година, осомничениот Н.Г и сведокот истиот ден се сретнале на паркинг просторот кај Хотел Вип. Осомничениот Н.Г кој пристигнал со ауди А6, излегол од истото и влегол во возилото на сведокот, пасат и по краток разговор, сведокот му предал бело хартиено плико во кое имало половина од наградата, во износ од 10.000 евра. Осомничениот Н.Г. го ставил пликото во внатрешен џеб од неговото сако, излегол од возилото и се вратил во неговото возило. Во тој момент овластени полициски службеници пристапиле до возилото на врховниот судија кој седел на возачкото место и во еден момент тој го извадил пликото со паричните средства и го ставил помеѓу возачкото и совозачкото седиште каде при преглед на возилото биле пронајдени 10.000 евра кои претходно биле крим- технички обработени“, објаснуваат од ОЈО ГОКК.

На судијата Георгиев во казната затвор од три години ќе му се засмета и времето поминато во притвор и истиот веднаш ќе биде однесен на издржување на казната затвор.

Вчера членот и заменик претседател на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети се спогоди со Јавното обвинителство со што призна дека примил поткуп за да влијае во предмет што се води против поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ