По два дена поминати во болница во Анкара, Халил Умут Мелер утрово доби зелено светло од докторите да продолжи со домашно лекување, па судијата попладнево пристигна во Измир, каде беше пречекан од родителите, роднините и пријателите.
„Добро сум, сакам само што поскоро да си дојдам дома“ – изјави Мелер пред новинарите.
Запрашан дали ќе се откаже од судњето, или ќе продолжи, тој одговори: „Ми се јавија од УЕФА, но сега не е време за ова. Во моментов сакам само да одморам дома“.
Во меѓувреме, претседателот на Фудбалската федерација на Турција, Мехмет Бујукекши порача дека Халил Умут Мелер ќе продолжи да суди.
„Халил Умут Мелер ужива голема почит во УЕФА и ФИФА. Очекуваме да биде дел од ЕВРО 2024. Не сакам да помислам на идејата тој да престане да суди. Ќе работиме заедно за да се надмине оваа непријатна епизода“ – вели првиот човек на ФФТ.
По срамниот инцидент, фудбалот во Турција беше суспендиран на неопределено време, а Мехмет Бујукекши сега потврди дека првенството продолжува на 19. декември.