сабота, 27 јули 2024

Судиите ќе ја земаат истата плата како и досега, Уставен суд не поведе постапка по двете иницијативи

Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за Законот за изменување на законите за плати на судиите и за Законот за платите на членовите на Судскиот совет. Според судот, неприфатливи и неосновани се наводите на Судскиот совет и на Здружението на судии дека со намалувањето на коефициентот за пресметка на нивните плати се загрозува независноста и самостојноста на судството.

 

Објавено на

часот

Сподели

„Според Судот, не се неуставни измените донесени во февруари оваа година со кои што беа намалени коефициентите за пресметување на платите за 13 проценти, или, конкретно, пораст на просечната плата и од анализата која што ја направи, произлегува дека на судиите и членовите на Судскиот совет нема да им бидат намалени платите како што се тврди, туку ќе им бидат зголемени, но за минимален износ“, изјави по седеницата портпаролката на Уставниот суд, Христина Беловска.

Таа појасни дека судот оценил дека судиите и натаму земаат плата која што одговара на нивниот статус, улога и дигнитет и нивната материјална состојба не е влошена.

„Нивната материјална сигурност не е загрозена како што се тврди во наводите, бидејќи тие влегуваат во групата на јавни функционери кои примаат највисоки плати во државата“, дополни таа.

Беловска уште кажа дека намалувањето на коефициентите е извршено врз основа на закон што, како што дополни, значи дека се неосновани наводите дека се прави упад во судската власт, бидејќи Собранието е она кое што е надлежно да ги носи законите.

На денешната прес конференција, Беловска го потврди случајот на закана кон претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска.

„Она што можам да го потврдам е нејзината пријава со оглед дека на нејзиниот имот, на нејзиното приватно паркинг место кое што се наоѓа во подземна гаража од затворен тип и во која што има околу 50-ина други автомобили наоколу е пронајден забоден нож на 20-ина сантиметри во прекинувачот за струја кој што се употребува токму за да се осветли делот над нејзиниот автомобил и други останати предмети за кои што повеќе информации ќе може да добиете веројатно од истрагата“, рече Беловска.

Во однос на заканите, таа дополни дека имало повеќе непријатности во континуитет.

„Некои ситни инциденти во јавноста има, има закани на социјалните мрежи упатено лично кон неа кои што сѐ уште се достапни и верувам дека ќе бидат и тие проверени, меѓутоа, претседателката не сакаше да реагира за ниту еден од тие инциденти сѐ до вчера кога беше пронајден и нож на нејзиниот личен имот“, дополни таа.

Од Министерството за внатрешни работи претходно денеска потврдија дека е известен јавен обвинител, предметите се подигнати за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ