среда, 15 јануари 2025

Судењето за пожарот во модуларната болница се одложи по четврти пат

По четврти пат се одложи повтореното судење по пожарот во тетовската модуларна болница откако такво решение донесе Апелацискиот суд Гостивар по јавната седница во април 2024 година, а по првичната пресуда од 5 јуни 2023 година. Како и на 5 ноември 2024 и денес рочиштето се одложи поради отсуство на судијата Јордан Велковски, кој е на боледување. Судијката која го заменуваше го закажа почетокот на судењето за 18 март 2025 година во 10 часот.

Објавено на

часот

Сподели

Првиот обид за повтореното судење беше на 26 јуни 2024 година, па се одложи за 25 септември кога исто така не се одржи јавна расправа.

Апелацискиот суд во април 2024 година донесе решение со кое наложи да има повторно судење за поранешните директори на тетовската болница Флорин Бесими и Артан Етеми, како и Јавната здравствена установа Клиничка болница Тетово како правен субјект. За докторот Бобан Вучевски, Апелацискиот суд во април 2024 година ја одби жалбата на Обвинителството и ја потврди првостепената ослободителна пресуда за него.

На 5 јуни 2023 година Основен суд Тетово одреди условна осуда за обвинетите директори Флорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека правното лице ЈЗУ Клиничка болница беше прогласено за виновно за делото „предизвикување општа опасност“ во судскиот процес по пожарот во модуларната болница во Тетово во 2021 година кога животите ги загубија 14 луѓе. Судот тогаш одлучи да има ослободителна пресуда за докторот Бобан Вучевски и Клиничка болница за делото „непостапување по здравствени прописи“.

Според пресудата, на обвинетите Флорин Бесими и Артан Етеми им беше утврдена казна затвор од по една година и шест месеци, условна осуда и утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетите секој за себе во време од по три години не сторат ново кривично дело. Правно лице требаше да плати парична казна во висина од еден милион денари, 30 дена по правосилност на пресудата.

Првиот судски процес се водеше откако на 8 септември 2021 година 14 луѓе ги загубија животите во пожарот во модуларната болница во рамки на Клиничка болница Тетово.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ