сабота, 27 јули 2024

Суд во Бразил покрена истрага против Маск

Судија на Врховниот суд во Бразил покрена истрага против Илон Маск, откако американскиот милијардер најави дека повторно ќе ги активира сметките на платформата Икс, за кои судот претходно издаде налог да се блокираат.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Сопственикот на Икс ја оспори одлуката на судијата Александар де Мораес да блокира сметки и најави дека ќе ги укине сите ограничувања бидејќи вели тие се неуставни, повикувајќи го Мораес да поднесе оставка.

Во објава на платформата Икс во саботата вечер, Маск го обвини Мораес дека „дрско и повеќепати“ го издал уставот и народот на Бразил.

„Овој судија изрече огромни парични казни, се закани дека ќе ги уапси нашите вработени и ќе го прекине пристапот до Икс во Бразил. Како резултат на тоа, веројатно ќе ги изгубиме сите приходи во Бразил и ќе мора да ја затвориме тамошната канцеларија. Но, принципите се поважни од профитот“, наведе Маск и вети дека правно ќе ја оспори оваа одлука.

Мораес одговори во неделата со проширување на истрагата за лажни вести на социјалните мрежи и на Маск, а исто така отвори истрага против милијардерот за „попречување на правдата“.

„Ако Икс не ја исполни наредбата за блокирање на одредени сметки, компанијата ќе биде казнета со 100.000 реали (19.740 долари) дневно“, се вели во соопштението на судијата.

Левичарската влада на претседателот Луис Инасио Лула да Силва изрази поддршка за Мораес, а јавниот обвинител Хорхе Месијас го критикуваше Маск и повика на регулирање на социјалните мрежи за да се спречи странски платформи да ги прекршуваат бразилските закони.

„Не можеме да живееме во општество каде милијардерите кои живеат во странство имаат контрола врз социјалните мрежи и се ставаат во позиција да го прекршат владеењето на правото, да не ги почитуваат судските наредби и да им се закануваат на нашите власти“, рече Месијас во објава на Икс.

Минатата година Мораес нареди истрага и против директорите на платформата за размена на социјални пораки Телеграм и Алфабет.

Мораес ги истражува „дигиталните милиции“ обвинети за ширење лажни вести и пораки на омраза за време на владата на поранешниот екстремно десничарски претседател Жаир Болсонаро, а исто така ја води истрагата за наводниот Болсонаров обид за државен удар.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ