четврток, 16 јануари 2025

Суд Кавадарци: Продаден дел од имотот на поранешно Фени во стечај

Продаден е дел од имотот на поранешното „Фени” во стечај, а ќе следи авансна распределба на паричните средства од стечајната маса. Ова денеска го потврди за МИА Лилјана Ситникоска, портпаролка на Основен суд Кавадарци.

Објавено на

часот

Сподели

По изјавените жалби на решението СТ.бр. 27/23 од 1 ноември 2024 година, со кои беа одбиени предлозите од страна на стечајниот судија за укинување на одлуките на Собранието на доверители одржано на 21 октомври 2024 година во отворената стечајна постапка над должникот, Трговско друштво за ископ на руди, производство на метали, трговија и услуги „Еуроникел индустри” ДОО село Возарци, а со кои беа усвоени понудите на понудувачот „Голден Игл Никел” ДООЕЛ село Возарци, Кавадарци, за продажба на имотот на стечајниот должник опфатен во стечајната маса – пакетите предмет на продажба (пакет бр. 1, 2, 4, 5, 6 и 7), поради ниската понудена цена, Апелациониот суд Скопје донесе решение ТСЖ бр. 1217/24 од 14 ноември 2024 година, со кое жалбите се одбиени како неосновани, а решението на стечајниот судија е потврдено, појасни судијката Ситникоска.

Врз основа на ова, биле донесени решенија за реализација на продажбата на имотот опфатен со поединечните пакети, а купувачите ја уплатиле купопродажната цена на сметката на стечајниот должник.

Од страна на Собранието на доверители, на 6 декември 2024 година биле донесени одлуки со кои се прифатени понудите за дел од имотот, кој се продавал поединечно. Тие одлуки биле реализирани, а купувачите, во рокот определен со поединечните решенија од стечајниот судија, ја уплатиле купопродажната цена на сметката на стечајниот должник.

Портпаролката на судот подвлече дека, со оглед на ваквата состојба, ќе следи авансна распределба на паричните средства од стечајната маса. За тоа, стечајниот управник треба да изготви план за авансна распределба, кој треба да биде одобрен од стечајниот судија. По одобрувањето, во рок од осум дена, паричните средства ќе бидат исплатени на доверителите.

Ситникоска истакна дека, согласно член 117 од Законот за стечај, во побарувањата од повисок исплатен ред спаѓаат нето плати, придонеси од плата за пензиско и инвалидско осигурување и надоместоци за периодот од последните три месеци пред отворањето на стечајната постапка.

На два пати досега транспортери, кои своевремено превезуваа руда за комбинатот, протестираа барајќи над два милиона евра за транспорт и изразувајќи незадоволство што, како што рекоа, имот проценет на над десет милиони евра бил огласен за продажба за околу 2,3 милиони евра.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ