вторник, 23 април 2024

Студија: Ако не го смениме законот, сите Јапонци ќе имаат исто презиме за 500 години

Сите во Јапонија ќе го имаат истото презиме до 2531 година, освен ако не се сменат законите за да им се дозволи на брачните парови да имаат различни презимиња, сугерира новата студија. Сато е најпопуларното презиме во Јапонија, a го носи 1,5 отсто од населението.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Студијата предводена од Хироши Јошида, професор на Универзитетот Тохоку, предвидува дека 100 отсто од населението ќе го носи даденото презиме доколку не се смени законот кој во моментов бара од мажите и жените да земаат исто презиме, пишува Скај њуз.

Професорот Јошида нагласи дека неговата проценка е „механички пресметана врз основа на претпоставеното сценарио“. „Ако сите станат Сато, можеби ќе треба да ни се обраќаат со име или броеви. Мислам дека тоа не можеме да го наречеме добар свет за живеење“, предупреди тој.

Според истражувањето, уделот на Јапонците со презиме Сато се зголемил за 1.0083 пати од 2022 до 2023 година. Ако оваа стапка остане константна, без промена на законот, половина од јапонското население ќе го има тоа презиме во 2446 година.

Јошида верува дека овој феномен ќе го „поткопа индивидуалното достоинство“. „Тоа, исто така, ќе доведе до губење на семејното и регионалното наследство поврзано со презимињата“, истакна тој. Студијата е нарачана од Тинк нејм проџект и други организации кои сакаат јапонските закони да се сменат за да им се овозможи на паровите да избираат различни презимиња.

Јапонија е единствената земја во светот која бара од брачните парови да користат исто презиме. Според сценариото каде на паровите им е дозволено да земаат различни презимиња, професорот Јошида предвидува дека 8 отсто од Јапонците ќе се презиваат Сато до 2531 година.

Тој го пресмета ова користејќи податоци од истражување од 2022 година на Јапонската конфедерација на синдикати, кое покажа дека 39,3 отсто од испитаниците сакале да делат презиме дури и ако имаат можност да користат посебни презимиња.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ