сабота, 22 март 2025
Реакција на Факултетско студентско собрание на Правен факултет „Јустинијан Први“ во Скопје

Студентски претставници на Филозофскиот факултет ја узурпираа ситуацијата, за да изманипулираат во трагедијата која нè снајде

Факултетското студентско собрание на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје преку соопштение се огласи со реакција на преземените дејствија на студентски претставници на Филозофскиот факултет , кои изгласаа недоверба на нивните делегати во УСС на УКИМ. Од ФСС на Правниот факултет укажуваат дека нивните колеги од Филозофзкиот факултет „не ги познаваат своите надлежности и одговорноси’, но и обвинуваат дека ситуацијата ја изманипулирале „за лични агенди и индивидуално профитирање“.

По одржувањето на заедничкиот час во понеделникот, на 17 март, како почит за загинатите во пожарот во Кочани, ФСС на Филозофскиот факултет при УКИМ изгласа недоверба на делегатите на УСС УКИМ, бидејќи според нив „овој модел на студентско претставување е истрошен“. Иако во соопштението на ФСС на Филозофскиот факултет не беше прецизирано точно зошто изгласале недоверба, индикативно е што ваквата одлука дојде веднаш по собир за одавање почит на жртвите во кочанската трагедија, а на кој присуствуваа министерката за образование и наука Весна Јаневска и ректорката на УКИМ, Билјана Ангелова.

Објавено на

часот

Сподели

„До нас, студентите, наши колеги, но пред сè пријатели и сограѓани кои длабоко ја чувствуваме болката која ни ја всади трагедијата во Кочани.

Сите сме изреволтирани, вознемирени и растревожени од континуираното потфрлање на системот и институциите. Како студенти на Правен факултет, како никогаш досега се соочуваме со тоа дека правдата е само концепт и дека ништо нема да ни ги врати тие прекрасни, млади и надежни животи.

Изразуваме големо жалење и негодување што нашите колеги – студентски претставници на Филозофскиот факултет, кои видно не ги познаваат своите надлежности, ниту одговорности (а се бирани од своите студенти), ја узурпираа ситуацијата да изманипулираат искрени и чесни студентски грла во трагедијата која нè снајде.

Согласно нормативните акти, студентско собрание на одреден факултет (пр. Правен, Филозофски), може да именува само двајца делегати во редовите на УСС согласно чл. 36 ст. 3 од ЗВО. Понатаму, ЗВО остава простор истите делегати да се променат или отповикаат од страна на факултетското собрание кое ги избрало.

Дополнително, единствен механизам за изразување револт во случај на несогласување на ФСС со работата на УСС е отповикување на избраните претставници и да не именува нови.

Уште повеќе, ФСС на Филозофскиот факултет, сè уште ги нема отповикано делегатите кои се претходно избрани (иако веќе ги преплавија медиумите за мало внимание „како изгласале недоверба“), туку напротив, истите делегати активно учествуваа на последната седница на УСС.

Бараме јавно извинување од страна на членовите на студентското собрание на Филозофскиот факултет, не кон ФСС-ПФ, Правен, УСС, УКИМ – туку кон сите нас, студентите, бидејќи го злоупотребуваат просторот со ширење лажни информации, кои за жал, се базираат на нивна правна лаичност.

Една од причините зад таа лаичност е токму и партиската припадност на  дел од членовите на тоа собрание, кои впрочем први ја споделија таа вест – не само по студентските канали на комуникација, туку и медиумите.

Неправото не продуцира право. Партизираните деца не најавуваат непартизираност. Неинформираноста не поттикнува просперитет и здраворазумно дејствување во едно општество. Трагедијата не е политички капитал.

Во моменти кога болката нè разорува, а неправдата нè задушува, единственото и рационалното размислување се потребни повеќе од било кога. Тагата ни е заедничка. Гневот ни гори во градите. Но, не смееме да дозволиме да не’ поделат токму сега, кога најмногу ни треба сплотеност. Ова не е време за лични агенди и индивидуално профитирање – ова е време за борба, за студентска солидарност и заеднички отпор против корупцијата и нефункционалниот систем. Животот е едноставен и нагло се менува. Видовме…“, се вели во соопштението на  Факултетско студентско собрание на Правен факултет „Јустинијан Први“ во Скопје .

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ