вторник, 18 март 2025

„Студентски отпор“ реагира на обраќањата на ректорката и министерката на „заедничкот час“ за жртвите во Кочани

На денешниот собир пред платото на УКИМ, на кој присуствуваа илјадници студенти со цел да оддадат почит за жртвите во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, сведочевме на груба злоупотреба на болката и тагата на граѓаните од страна на институциите, велат од Студентски отпор.

Објавено на

часот

Сподели

„Наместо 7-минутен молк и достоинствено оддавање на почит, како што бараа студентите, ректорката на УКИМ, Билјана Ангелова, и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, одлучија да држат говори. Ова се случи и покрај јасниот притисок од студентите да не се користи ваков трагичен момент за говори и политичка самопромоција.

Додека тие ги читаа своите подготвени изјави, неколку студенти се почувствуваа лошо и побараа итна медицинска помош. Но, наместо внимание кон оваа ситуација, ректорката и министерката продолжија со своите говори, целосно игнорирајќи ја состојбата на студентите. За нив, поважна беше ПР-кампањата отколку почитта кон жртвите и здравјето на младите кои присуствуваа на собирот“, се вели во реакцијата на Студентски отпор.

Од „Отпорот“ велат дека студентите јасно и гласно порачале дека ваквото однесување е недостоинствено и неприфатливо. Според нив тоа не бил момент за политички пораки, туку за тивка почит кон загинатите и солидарност со нивните семејства. Наместо тоа, сведочеле на срамна институционална експлоатација на трагедијата.

„Студентски отпор го осудува ова однесување и бара одговорност од институциите. Бараме идните комеморативни настани да се организираат со вистинска почит и достоинство, без политичка инструментализација. Жртвите заслужуваат повеќе, а студентите нема да дозволат нивната болка да се користи за нечии ПР-поени.

Официјалните тела за студентска репрезентација не смеат да го амортизираат гневот на студентите. Доколку се обидат да го сторат тоа, Студентски отпор ќе ги поведе студентите во борба за вистинско застапување на нивните интереси“, порачуваат од Студентски отпор.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ