недела, 23 јуни 2024

Студентите со куфери на улица, студенсткиот дом во Тетово затворен

Студентите кои аплицирале и кои биле примени во студентскиот дом во Тетово во моментов се оставени на улица и мора да најдат алтернативно сместување, бидејќи ветениот дом сè уште не ги отворил вратите. Дали да патуваат секој ден за на факултет или да се сместат кај роднините или пријателите, е дилемата на студентите на кои од Министерството за образование и наука (МОН) не им даваат конкретни детали за тоа кога ќе можат да се сместат во нивните соби, пишува Порталб.мк.

Објавено на

часот

Сподели

Студентите кои аплицираа и беа примени во студентскиот дом во Тетово, и покрај тоа што имаат потпишано договори со Министерството за образование и наука, сè уште не се сместени во домот. Поради ова, тие треба да најдат алтернативни решенија за домување или да патуваат секој ден. Студентите сè уште имаат бројни нејаснотии во врска со сместувањето во студентскиот дом, бидејќи институциите не ги известуваат соодветно.

„Аплицирав во септември и бев примен, потоа бевме во МОН и ги потпишавме договорите. Прашавме кога ќе можеме да се сместиме, рекоа ‘не знаеме, но знаеме дека убаво го средиле’ и оттогаш немаме никаква вест. Јас патувам и имам предавања и вежби два пати неделно и имав малку среќа со распоредот, но подобро ќе беше да живеам во студентскиот дом кога веќе сум примен таму. Договорот е потпишан, но сега не се знае дали ќе треба да платиме од моментот на потпишување на договорот во кој пишуваше дека се работи за 10 месеци сместување, или од денот кога ќе се сместиме. Не ме чуди ако ни речат да платиме за 10 месеци, во Северна Македонија сме“, нагласи за Порталб.мк студентот Фљамур Исени од Скопје.

„Како студенти ние немаме информации околу тоа кога ќе се отвори студентскиот дом, тоа е апсурдно“, рече една студентка.

Една студентка од Струга со која разговаравме рече дека била заинтересирана да аплицира за сместување во студентскиот дом, но не нашла никакви информации во врска со домот.

„Се распрашав самата на факултет затоа што бев заинтересирана бидејќи верував дека киријата ќе беше поповолна, но никој немаше информации“, вели таа.

„Домот сè уште не е отворен, ни рекоа дека ќе се отвори на 20 октомври и од тогаш не сме добиле веќе никакво известување“, вели друга студентка која аплицирала за сместување во студентскиот дом.

Во врска со одолговлекувањето на работите за студентскиот дом во Тетово, од Форумот за промени во образованието (ФОП) за Порталб.мк рекоа дека Министерството за образование и наука покажало тотална негрижа за потребите на студентите.

Од друга страна, директорот на студентскиот дом во Тетово, Туши Дервиши за Порталб.мк изјави дека работите се во завршна фаза, и дека се останати уште неколку технички работи и оти верува дека многу скоро домот ќе започне со работа.

„Немам конкретен датум, но наскоро, денеска бев да видам како се работи, во завршна фаза се, верувам дека наскоро ќе биде отворен“, рече Дервиши.

Од МОН пред неколку дена за Порталб.мк нагласија дека откако студентскиот дом ќе почне со работа, студентите кои се на списокот на примени кандидати што аплицирале на конкурсот, ќе можат да се сместат веднаш.

Во овој студентски дом предвидено е сместување на 300 студенти, и тоа 60 студенти од прва година и 240 од втора и повисоките година.

Според резултатите не конкурсот на веб-страницата на МОН, во овој студентски дом досега се примени 33 студенти од прва година и 49 од втора и повисоките година.

Во конкурсот на МОН пишуваше дека сместувањето во овој студентски дом ќе се случи само ако се обезбедат потребните услови за работа до 1 октомври.

Студентскиот дом во Тетово го промовираа бројни владини претставници, почнувајќи од министерот за образование Jeтон Шаќири, заменик министерот за образование Aгим Нухиу, но и вицепремиерот Aртан Груби, кои тврдеа дека ќе биде готов за новата академска година која започна на 1 октомври, но тоа не се случи.

За овој студентски дом се направени маратонски ветувања.

Изградбата на студентскиот дом во Тетово се ветува уште од 2016 година, од денот кога Владата на Македонија го усвои Законот за основање на Универзитетот „Мајка Тереза“. Тогаш беше најавена и изградбата на овој студентски дом, а истата година беше објавен и тендерот за изградба на истиот.

И покрај тоа што тендерот за изградба беше отворен во септември 2016 година, немаше одлука за почеток на работите. Оваа одлука официјално беше донесена на крај на март 2018 година и беше планирано објектот да биде финализиран во април/мај истата година. Потоа, од МОН соопштија дека студентскиот дом треба да биде завршен кон крајот на 2021 година, но ни тој рок не беше испочитуван.

На почеток од 2022 година актуелниот министер за образование Јетон Шаќири изјави дека се очекува студентскиот дом да биде готов за семестарот кој започна во октомври минатата година, но ништо од тоа не се оствари.

Последното ветување беше дека студентскиот дом ќе биде пуштен во употреба во октомври годинава за учебната 2023/24 година, што исто така не се оствари.

Студентскиот дом беше официјализиран на 22 август со одлука на Владата.

Инаку, недостигот на студентски дом претставува проблем за многу странски студенти бидејќи, според нив, цените за сместување во приватните станови се високи, а покривањето на трошоците не е лесно за студентите, како што не е лесно и наоѓањето на еден или двајца цимери со кои ќе се дели станот и трошоците.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ