„Експериментот со УСС заврши, студентите на УКИМ ќе се самоорганизираат пленумски! Тоа за кое пред деценија студентите се бореа, никогаш не го добија. Наместо автентично претставување на студентскиот интерес го добивме зависниот бирократски лавиринт наречен УСС на УКИМ. Студентите не можат да имаат претставнички тела контролирани од властите и партиите. Независното студентско собрание на УКИМ е хоризонтална самоорганизација на сите студенти на УКИМ. Ова е наш универзитет!“, се наведува во соопштението на студентите од Филозофскиот факултет.
Три – четири илјади (а можеби и некоја илјада повеќе) студенти и средношколци вчера напладне на платото пред кампусот на Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје, се собраа на заеднички час, да им оддадат почит на загинатите во трагедијата во кочанската дискотека Пулс, а воедно и да изразат поддршка за закрепнување на повредените во пожарот.
Подоцна од Универзитетското собрание се извинија на јавноста затоа што на собирот присуствуваа и кратко се обратија министерката за образование и наука Весна Јаневска и ректорката на УКИМ, Билјана Ангелова.
Реагираа од Студенстскиот отпор и од МОФ.