среда, 23 октомври 2024

Студентите сакаат нобеловецот за мир Мухамед Јунис да ја предводи преодната влада во Бангладеш

Координаторите на студентските демонстрации во Бангладеш објавија видео на Фејсбук во кое велат дека нема да прифатат воена власт и повикуваат да се формира нова преодна влада на чело со добитникот на Нобеловата награда за мир Мухамед Јунис.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Одлучивме да се формира преодна влада и нејзиниот главен советник, односно нејзиниот шеф, ќе биде добитникот на Нобеловата награда за мир, д-р Мухамад Јунис, кој ужива меѓународен углед и е надалеку познат“, вели во видеото Нахид Ислам, главниот лидер на групата Студенти против дискриминација.

„Секоја друга влада освен таа што ја препорачавме нема да биде прифатена. Не би прифатиле ниту една влада поддржана од војската или предводена од војската“, рече тој, пренесе Би-би-си.

Шефот на војската на Бангладеш, генерал Вакер-Уз-Заман, вчера на државната телевизија објави дека премиерката Шеик Хасина (76), која е на власт од 2009 година, поднела оставка и дека ќе се формира нова преодна влада.

Генералот подоцна денеска треба да се сретне со студентските лидери на протестното движење.

Јунис (84) е познат по тоа што со својата пионерска микрокредитна банка извлече милиони луѓе од сиромаштија. Тој беше обвинет и за проневера од страна на судот во Бангладеш. Тој ги негира обвиненијата, а неговите поддржувачи велат дека случајот против него е политички мотивиран.

Јунис моментално е во Европа. Еден од неговите блиски соработници синоќа изјави дека не добил никаков предлог од војската да ја предводи преодната влада.

Премиерката на Бангладеш вчера со хеликоптер побегна во Индија по 15 години на власт и едномесечни демонстрации во кои стотици луѓе загинаа во судирите со полицијата.

Вкупно 366 лица загинаа од почетокот на демонстрациите во јули, според билансот што го утврдила агенцијата Франс прес врз основа на полициски извештаи, официјални и болнички извори.

Шеик Хасина, постарата ќерка на шеикот Муџибур Рахман, основачот на Бангладеш, се врати на власт во 2009 година, по првиот мандат од 1996 до 2001 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ